Премиерот Димитар Ковачевски смета дека дојавите за бомби се хибридна војна односно хибридни напади. Според него, тоа може да се види од опфатот на објекти во кои се дојавуваат бомбите, интензитетот на испраќање, таргетирањето на објекти. Ковачевски вели дека пораките се повторуваат во повеќе држави, односно нивната содржина. Тој додава: „Ако е изолиран случај на адолесценти и хакери, нема во толку многу држави, на толку исти институции, во толку ист интензитет, во толку исти денови, да се случуваат ако се изолирани случаи“
„Ако ги погледнеме пораките испратени денеска за дојави на бомби во нашата држава и доколку се споредат со пораките во Црна Гора или други држави, се работи за скоро идентични пораки на кој начин се најавуваат бомбите. Тоа што некоја држава успеала да најде еден случај на некој што дојавувал, тоа не значи дека се најдени сите. И ние кажавме дека е најден еден случај на наш граѓанин за кој се води постапка. Сакам да истакнам уште еднаш. Ова што се случува во Европа е најголемиот воен конфликт по Втората светска војна. Се води војна, на помалку од 1000 километри од нашата држава“, кажа Ковачевски.
Според него, средствата за комуникација денеска споредено со Втората светска војна, очекувано е дека ова е дел од тоа што се случува на континентот во Европа.
„Доколку ја гледате содржината на дојавата на бомбите, многу е јасно дека во Европа постојат две страни. Едната страна која вели дека не треба државите сами да го определуваат својот демократски пат, како што тоа и е ускратено на Украина, дека помалите држави не можат сами да одлучуваат за својата иднина, дека може да ги нападне било кој и да бара промени на влади, уредување итн. И друга страна каде ние припаѓаме, страна на демократскиот свет, членка на НАТО, страна која е составена од држави членки на ЕУ или ќе станат членки на ЕУ“, додава Ковачевски.
Претходно, Ковачевски изјави дека е невозможно да се фатат лицата кои ги испраќаат заканите за бомби во Македонија.