Премиерот Димитар Ковачевски се сомнева дека листата со адреси на училиштата повторно е во рацете на оние што пуштаат лажни дојави за бомби и покрај тоа што новите електронски адреси на училиштата се префрлени на заштитен сервер во Министерството за образование и наука.
– МВР по секоја лажна пријава постапува согласно законот и постапките за антитероризам и дека се води секогаш истрага шпо пријавата за лажни бомби. Првичните податоци се интересни иако не можам да ги коментирам. А тоа е дека и покрај промената на емејл адресите на училиштата кои се на заштитениот сервер на МОН, како тоа веднаш адресите на училиштата се нашле кај тие кои пријавуваат лажни бомби. Но тоа може да го одговори само истрагата – рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, при посетата на компанијата „Гересхајмер“.
Овој сомнеж на Ковачевски дека новите адреси ги добиваат хакерите и покрај силната заштита од МОН, според експертите е неоснован затоа што мејл адресите се јавен податок кој го има на секоја интернет страница на училиштата и на нивните профили на Фејсбук.
“Во МОН не постојат сервери со мејл адреси. Во Македонија најголем дел од училиштата имаат свои адреси од Гугл, тие се јавно достапен податок и било кој што сака да испрати порака до некое училиште може да ги користи тие мејлови. А, училиштата ги објавуваат своите мејлови и на официјалните Фејсбук профили“, велат експертите за „А1он“.
Запрашан дали вината за овие пропусти може да се лоцира во нашите служби, премиерот посочи дека проблемот може да биде и поширок и надвор од земјава.
– Не би го лоцирал проблемот само во службите дома, туку може да биде и поширок. Претпоставка би било дека е вклучен некој од надвор кој не сака Македонија да ја води оваа политика на меѓународно ниво и да биде дел од ЕУ и НАТО – додаде Ковачевски.
Од МОН утрово до сите училишта е испратен допис со препораки доколку има дојава за бомба, наставата во текот на денот да продолжи онлајн за да нема губење на часовите.
МОН посочува дека на учениците им се дава еден час да стигнат дома и да се вклучат на настава.