Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари попладнево, според дел од медиумите, имале средба во Владата. Засега нема официјални детали од средбата.
Од СДСМ за МИА изјавија дека кога ќе бидат дефинирани работите, ќе ја информираат јавноста.
Таравари за денеска најави средба со премиерот Ковачевски на која, како што рече, ќе ги објави имињата на идните министри и заменици-министри од редовите на оваа партија.
Вчера по седницата на највисокото тело на партијата, Таравари објави дека влегуваат во Владата и дека е договорено нивни кадри да бидат на чело на министерствата за здравство и за правда. Алијанса на Албанците треба да добие уште едно министерско место, а тоа, според изјавата на Таравари, ќе биде или Министерството за информатичко општество и администрација, со кое сега раководи кадар од „Алтернатива“, или вицепремиерското место за економски прашања. Засега, нема официјална потврда кое од овие места ќе и припадне на „Алијанса на Албанците“. Оваа партија добива и две заменички-министерски места.
Според објавите на поголем дел од медиумите, на местото на министерот за здравство Беким Сали, кој е кадар од „Алтернатива“ доаѓа Фатмир Меџити, а министерот Никола Тупанчевски ќе го замени Кренар Лога.
Од „Алтернатива“ која исто така е дел од Владата попладнево соопштија дека конечниот став за идното партиципирање во Владата ќе го донесат во недела на седница што ќе се одржи во Тетово.
– Најтесното партиско раководство на Алтернатива е во перманентно заседание. Со внимание ги разгледуваме сите околности кои ги нарушуваат принципите врз кои требаше да почива Европската коалиција. Особено начинот на кој некој го потценува нашиот учинок пред 12 месеци за спас на владејачкото мнозинство, изборот на Димитар Ковачевски за премиер и следствено обезбедувањето на почеток на преговори со ЕУ, објави „Алтернатива“ на „Фејсбук“.
Засега е неизвесно и кога ќе биде закажана собраниската седница на која ќе се расправа за реконструкцијата на Владата. Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека седницата може да биде закажана и во понеделник доколку премиерот Ковачевски го достави предлогот до Собранието.