Ковачевски – Донфрид: Се интензивира поддршката за евроинтеграциите, С. Македонија е важен трансатлантски партнер на САД

Од:

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, се сретна со Карен Донфрид помошник државна секретарка на САД за европски и евроазиски прашања, како и со Габриел Ескобар заменик помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан и со американска делегација, придружувана од амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз.

На состанокот е заеднички истакнато значењето на стратешкото партнерство на Северна Македонија со САД.

Помошник државната секретарка на САД Донфрид, пренесе порака дека Северна Македонија е важен трансатлантски партнер на САД. Изразена е силна и недвосмислена поддршка од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за развојот и европските интеграции на Северна Македонија и за итно и неодложно отпочнување на преговорите со ЕУ, како прашање од стратешка важност за стабилноста на целиот Западен Балкан.

Како што соопштуваат од Владата, истакнато било дека нашата држава, како членка на НАТО и земја кандидатка за ЕУ, функционира според принципите на демократските и европските вредности и дека во предизвиците што ги донесе војната во Украина, се постави брзо и целосно на линија на политиките на НАТО и на ЕУ.

„Со ефективните политики за поддршка на народот во Украина и во согласност со надворешната политика на НАТО и на ЕУ, Северна Македонија како што е оценето, даде уште еден силен аргумент дека припаѓа во НАТО и во Европската Унија.

Заеднички е констатирано дека ова треба да биде препознаено и вреднувано од ЕУ, со отворање на преговорите за Северна Македонија и Албанија, бидејќи проширувањето на Европската Унија со Западен Балкан, од геополитичка гледна точка е безбедносно прашање и е од суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион и на самата Европска Унија“, велат од Владата.

Премиерот Ковачевски се заблагодарил за традиционалното, искрено и континуирано пријателство на САД од независноста на нашата држава до денес и го оцени како исклучително важно во сите процеси на развојот на нашата држава, вклучувајќи го и остварувањето на двете државни стратешки цели, НАТО и ЕУ.

„Владата е фокусирана на животниот стандард на граѓаните и на надминување на последиците од светската енергетска, економска и воена криза и ќе продолжиме да се заложуваме за решенија на сите отворени прашања исклучиво со почитување на европските вредности и на основа на меѓусебна почит и достоинствен пристап во разговорите“, рече премиерот Ковачевски.

На состанокот е разговарано за повеќе актуелни прашања, како што е значењето на иницијативата Отворен Балкан што ја унапредува регионалната соработка.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада