Ова е втор наменски ребаланс за жал, за санирање на штетите и последиците од катастрофалната незгода и поплава во скопскиот и тетовскиот регион којашто предизвика и материјална и нематеријална штета. 5.000 семејства се оштетени, цели домови и за жал трагично настрадаа 22 наши сограѓани, рече Васко Ковачевски во однос на предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2016 година, на седница бр.86 на Комисијата за финансирање и буџет..
Штета која што предизвика бурни реакции во јавноста, покрена и политички дебати.
Со овој ребаланс треба да се обезбедат 36 милиони евра за санирање на овие последици и власта ова го предвидува со пторебата од ново задолжување коешто ќе го зголеми дефицитот од 3.6% на 4%.
Ние како опозиција сметаме дека има и друг начин и методи како да се обезбедат овие средства за настраданите во поплавите. И затоа поднесовме амандмани на овој предложен ребаланс со којшто предвидуваме власта да си крати од своите трошења и луксуз.
Со овие амандмани предвидуваме Владата на Република Македонија да намали 10 милиони евра од градежни објекти за коишто сметаме дека во овој момент можат и трпат да бидат изградени во нареден период затоа што сега е неопходно да се обезбедат овие средства за поплавените подрачја.
Предвидуваме да се скратат 300 милиони денари или 5 милиони евра од владата за економска промоција. Знаеме како се трошат тие пари.
Предвидуваме да се скратат и од министерството за финансии 390 милиони денари или 6.5 милиони евра од разни трансфери и непродуктивни трошоци кои сметаме дека можат во овој период тие средства да се пренаменат за неопходните средства за поплавените подрачја.
Од Агенцијата за странски инвестиции и промоција за економски маркетинг предлагаме да се скратат 80 милиони денари. Од министерството за транспорт и врски да се намалат 1 милион евра за надградба и реконструкција на управната зграда.
Од министерството за правда исто така за градежните објекти планираме и предлагаме да се намалат 32 милиони денари. Од Дирекцијата за технолошки индустриски зони од ставката други тековни расходи, предлагаме 30 милиони денари.
Со ваквиот начин на прераспределба на овие средства ќе можеме да ги обезбедиме овие 36 милиони евра без дополнителни задолжувања, кредити и камати.
Власта не планира да се откаже од овие трошења, затоа што тука има провизии, нарачани тендери, инволвирани фирми блиски до власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. И секако разбирливо дека оваа власт најпрво ќе најде начин да се задолжи, отколку да се откаже од непродуктивните трошења.
Акционерското друштво ЕЛЕМ, објави јавна набавка со која планира да потроши 15 милиони евра за рајската градина во Аеродром. 15 милиони евра за животни, фонтани, паркчиња, кафези и за што уште не. 15 милиони евра и те како можеше попродуктивно да ги пренамени. Акционерското друштво ЕЛЕМ троши и десетина милиони евра за жичара на Попова Шапка.
Во 2006 година долгот изнесуваше 1.8 милијарда евра. Денеска долгот на државата е повеќе од 5 милијарда евра. Каде се парите? За што се потрошија повеќе од 3 милијарди евра?
Штетите се големи и штети има кои што не можеме да ги надоместиме, меѓутоа штетите кои што можеме да ги надоместиме, може да ги обезбедиме од средства без притоа да се задолжуваме, рече пратеникот Васко Ковачевски.