Котески: Чувствуваме дека сме членка, а не партнер на НАТО

Од:

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Горанчо Котески, вчера во белгиски Монс-Шејп учествуваше на официјалната церемонија за примопредавање на должноста Командант на Врховната команда на силите на НАТО во Европа (САЦЕУР) меѓу досегашниот командант, адмиралот Џејмс Ставридис и генералот Филип Бридлав, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Во главната команда за операции на Алијансата, каде македонската армија е претставена со своја канцеларија за врски, Котески заедно со останатите началници на армиите на земјите-членки и партнерите на НАТО ја проследи церемонијата на која досегашниот командант Ставридис, поради заминувањето во пензија, ја предаде палката на предводникот на воздухопловните сили на САД во Европа.

На оваа церемонија, генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен посочи дека главни цели на најголемата воено-политичка организација на светот ќе бидат трансформацијата на командите во НАТО и продолжување и успешно завршување на мировните мисии, особено во Авганистан по 2014 година.

Генерал-мајор Котески денеска ќе биде дел од мајската сесија на состаноци на Воениот комитет на НАТО во повеќе формати. Главни дебати се очекуваат за ангажманот на Алијансата во Авганистан, каде Македонија ќе се потпре на нашата политичка определба дека до крајот на 2014 година со сигурност остануваме таму, а потоа и во однос на националните интереси на нашата земја и побарувањата на НАТО. Исто така, на овие состаноци ќе се разговара и за ангажманот на Алијансата во Косово.

Во моментов, во Авганистан АРМ во сегашниот состав е сочинета од една механизирана пешадиска чета од околу 160 лица, а по 2014 година, мисијата ќе ја смени својата улога и ќе прерасне во мисија за обука, менторирање и асистенција на авганистанските безбедносни сили.
Во изјава за МИА од седиштето на Алијансата, првиот човек на македонската армија порачува дека нашата земја ќе продолжи да ја креира воената сила според НАТО-стандардите, а во насока на изградба на оперативните капацитети и способности да продолжи со поддршката на идните мисии на Алијансата.

– Има покана и разговори за идно заедничко учество на нашата армија со членки на НАТО и таа покана и желба се базира исклучиво на довербата што припадниците на АРМ ја стекнаа во досегашните мисии. Овде во Брисел, чувството е дека македонската армија повеќе не наликува само на армија од земја-партнер, туку на вистинска полноправна членка на НАТО, порачува генерал-мајор Котески од седиштето на Алијансата.

По денешната сесија во седиштето на НАТО, началникот на Генералштабот на АРМ продолжува со официјална посета на Осло (Кралство Норвешка), каде првпат во 22-годишната македонска воена историја еден НГШ од нашата земја, на покана на свој колега на челот на норвешката армија, ќе ги посети вооружените сили на оваа скандинавска земја.

Би можело да ве интересира

Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против Славјанка Петровска

Катерина Ѓуровски

Уставниот суд ја укина забраната за вршење верски обреди во објектите на македонската армија

А1он

Сиљановска – Давкова: Најсилната страна на Армијата е човечкиот капитал

Раскинат е договорот со фирмата што ја снабдуваше АРМ со храна, по труењето на 60 војници

Мисијата на ОН во Либан во која има и македонски офицери го одби барањето на Израел да напушти дел од позициите

Катерина Ѓуровски

Оброците за АРМ се 100% исправни, соопшти фирмата која ја подготвува храната