Вечерашното издание на новото сатирично шоу Контравести на телевизија Телма помина без најавуваното интервју со новинарот и сопственик на порталот Мактел, Саше Ивановски-Политико.
Интервјуто било отстрането на барање на уредништвото на телевизијата. Како што дознава „А1он“, Саше Политико бил прогласен за неподобен и бил споредуван со некои водители на емисии кои отворено ги бранат политиките на власта.
Ивановски вели дека ги почитува одлуките на телевизијата и дека ќе продолжи со поддршка за емисијата.
-Не им се лутам ниту на Телма ниту на Контравести. Сакаа да ме викнат но не успеаја да ме протнат. Тоа е политика на Телма. Им посакувам високи рејтинзи, изјави тој за „А1он“
За цензурата на Телма не се произнесоа творците на емисијата, но во полна верзија таа беше емитувана на порталот Нова. Делот со Ивановски кој е изваден на телевизијата, е коректен и нема говор на омраза.
Телма, пред неколку месеци, токму поради нападот врз Саше Ивановски-Политико прогласи бојкот за вицепремиерот Владимир Пешевски, поради како што наведе телевизијата “згрозеноста од однесувањето кон новинарот“.
Маја Васева