Денеска владиката Дебарско – кичевски Тимотеј ги освети новите објекти кои се изградија во изминатиов период во манастирскиот комплекс Св. Наум. Комплексот доби сосема нов, среден лик во чии рамки влегуваат голема порта на влезот, типизирани куќарки за продажба на сувенири, фонтани и зелена површина.
Пред само неколку месеци од Општина Охрид ја чешлаа целата документација за новите градби во комплексот, нивната легалност и тогаш потенцираа дека има некакви неправилности во целата постапка. Во февруари, годинава од Општината се огласи со официјално соопштение во кое изрази надеж дека одредени пропусти во постапката ќе бидат надминати.
Општина Охрид во согласност со своите законски овластувања презеде одредени дејствија во однос на истите и се очекува од Дебарско – кичевската епархија да постапи согласно со нив. Општина Охрид е свесна за значењето што манастирскиот комплекс го има како духовна, историска и туристичка вредност и затоа во своите постапувања се труди да ги запази законските норми и коректните релации со Дебарско – кичевската епархија, а сите проблеми да бидат надминати во рамките на институциите на системот.
Согласно ваквиот став, ние сме убедени дека во најскоро време, одредени пропусти во постапката ќе бидат надминати и активностите околу урбаното уредување на просторот во делот од манастирскиот комплекс ќе продолжат без натамошни непријатности. Светоста на манастирскиот комплекс не обврзува сите нас да бидеме внимателни во постапките и во јавно изнесените ставови, без непотребно подгревање на атмосферата во јавноста за рационално да се донесат законски издржани решенија, се вели во соопштението од општина Охрид – меѓу другото рекоа тогаш од Локалната самоуправа во Охрид.
Владиката Тимотеј пак во тој период за А1ОН истакна дека не знае што е спорно во сето тоа што се гради во Свети Наум и повика доколку некој има смелост да ги урива објектите, слободно да го стори тоа.
Не знам, прашајте ги тие за кого е спорно, за мене ништо не е спорно. Јас не гледам што е спорно, нелогично е јас да објаснувам што е спорно. Ако е спорна некоја книга, нека е спорно. Ако на тој што напишал не знам какво решение и ако пластиката што беше таму му е поубава од ова што се прави, нека му служи на чест и толку е неговото ниво што е убаво и што е културно – рече тогаш Тимотеј во преписките што ги имаа со Општина Охрид.
Денеска пак, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески на чинот на осветување на новите објекти нагласи дека никогаш немало проблем во целиот процес и дека имале одлична соработка со епархијата.
Секако пред законот се сите исти, тој мора да се почитува и во таа насока имаме целосна соработка со Управата на манастирот Св. Наум и Дебарско – кичевската Епархија. Документацијата е скоро изработена и во принцип сме немале никаков проблем со Дебарско –кичевската Епархија, ниту со управата на манастирот Св. Наум. Цело време сме во тек соработуваме и во делот на изработка на урбанистичко планската документација за овој проект – рече денеска Бакрачески.
Неофицијално А1ОН дознава дека во целиот овој период на неколку пати имало средба меѓу претставници на црквата и Општина Охрид и по се изгледа проблемите се надминати.
Ф.Ј.