Конференција „Кон отчетни јавни претпријатија“: Потребни се антикорупциски мерки за јавни набавки

Од:

Потребни се планови за антикорупциски мерки за јавни набавки, испитување на интегритетот и независноста на менаџментот во институциите кои се надлежни за јавните набавки и вештини на човечките ресурси кои работат на тоа поле, како во однос на постапките, така и во делот на планирањето на јавните набавки, беше заклучено на денешната конференција која се одржа како завршен настан на проектот „Кон отчетни јавни претпријатија“ што го спроведуваше Центарот за граѓански комуникации со финансиска помош од Холандија.

Проектот беше насочен кон градење на капацитети за борбата против корупција на 40 претпријатија основани од Владата, Градот Скопје и општините Гостивар, Кавадарци и Струга.

На конференцијата се говореше за досегашните напори вложени во насока на унапредување на јавните набавки и намалување на корупцијата и идните предизвици и можности за засилување на улогата на независните регулаторни тела и на другите засегнати страни.

Главниот државен ревизор од Државниот завод за ревизија Максим Ацевски, нагласи дека анализирајќи ги состојбите во јавните претпријатија, може да се каже дека има одредени состојби коишто загрижуваат, но во исто време има и една светлина во тунелот.

Тој, осврнувајќи се на препораки од Европската Унија околу постапките за јавните набавки рече дека самото контролно опкружување се движи во една посакувана насока која дава надеж дека во наредниот период ќе имаме подобри резултати.

– Ако сакаме да имаме добри постапки за јавни набавки и ако сакаме да имаме заштита на средствата на даночните обврзници на нашата држава мора да се запрашаме за начинот на организационата поставеност или секторот за јавни набавки во сите договорни органи, вклучувајќи ги и јавните претпријатија, за квалитетот на човечките ресурси коишто се инволвирани во процесот на договарање на договорите за јавни набавки, степенот на нивниот интегритет и независност, на самите комиисии и на самите вработени коишто учествуваат во доделувањето на договорите за јавни набавки и на интегритетот и независност на самите раководители на субјекти коишто во суштина треба да ја донесат одлуката за доделување на јавна набавка, истакна Ацевски.

Главниот државен ревизор посочи дека кога зборува за човечки ресурси, од една страна зборува за зголемување на нивните знаења и вештини, во исто време мерење на учинокот, односно вредување на трудот на тие вработени кои што се ангажирани за уредувањето на договорите за јавни набавки.

– Во делот во она што значи планирање на јавните набавки во рамките на јавните претпријатија, имаме катастрофални последици во однос на она што значи точно планирање на јавните набавки. Во суштина понекогаш планот за јавни набавки претставува израз на желби, а не одраз на реалност, па имате состојба во која што самиот план за јавни набавки доживува реализација од 50 отсто, а тоа укажува дека имаме несоодветно планирање на јавните набавки, дека во суштина самиот организационен облик кој што се занимава со подготвување на планот за јавни набавки, заедно со менаџментот, значи нема визија во остварување на целите на субјектот со кој то раководи, потенцираше Ацевски.

Тој нагласи дека ако нема над 90 отсто реализација за планот на јавни набавки тоа говори за нивните вештини, колку менаџментот на одредена институција заедно со своите вработени во суштина ги осознал потребите за реализација на стратешките цели на институцијата.

– Ама баш никаде, вклучувајќи и на ниво на град Скопје, не се практикува доделување на групни јавни набавки кадешто во суштина можат да се постигнат поголеми ефекти. Пред се на обезбедување на квалификувани професионалци коишто можат да подготват соодветна стручна тендерска документација, соодветна евалуација на понудите и во суштина рационализација на трошоците и на човечките ресурси коишто ќе бидат инволвирани за одредени јавни набавки коишто може да бидат доделени на еден договорен орган за повеќе договорени органи на локално ниво, рече Ацевски.

Тој информираше дека во огромен број на постапките за јавните набавки има само еден понудувач.

– Секогаш кога има една понуда за една постапка за јавна набавка тоа укажува на две работи, или воопшто активностите не се преземени за истражување на пазарот или пак се воспоставени такви критериуми со коишто се врши вештачка елиминација на сите други заинтересирани и де факто имаме набавка за одреден нарачан економски оператор којшто треба да добие постапка, истакна главниот државен ревизор.

Тој информираше дека и Државниот завод за ревизија не е имун на она што значи обид од економските оператори ако може да пробаат да направат одедени работи коишто ќе значат одлевање на дополнителни средства.

– Направивме систем на контроли во кои една фактура мора да има пет печати. На самата фактура секое инволвирано лице мора да се потпише дека извршил контролаа на самата фактура. Досега во овој период имаме вратено десет фактури коишто во суштина имаме обид за измамничко однесување на оној што го добил договорот за јавна набавка, информираше Ацевки.

Тој упати критики за однесувањето на Јавното обвинителство, нагласувајќи дека во наредниот период очекува силна поддршка од тој орган.

– Констатираме една неповолна состојба во делот на однесувањето на Јавното обвинителство, а тоа е дека за жал и покрај тоа што во суштина за сите оние ревизорски извештаи коишто сме сметале дека има елементи за покренување на постапка од надлежното обвинителство за утврдување на она што значи состојба дали навистина постои елементи на корупција и кривична одговорност и покрај нашите обраќања до денеска ние немаме повратни информации за состојбата, по доставените конечни ревизиски извештаи. Секако дека ЈО е клучно во овој процес на постапување по конечните ревизорски извештаи бидејќи доколку ја имаме дадената вредност од ЈО за постапување по конечните ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија и постапување на надлежните судски органи ќе имаме заокружување на целиот круг во процесот на постапување на надлежните органи. Очекувам дека во наредниот период ќе имаме силна поддршка од ЈО и од судските органи, рече Ацевски.

Експертот за јавни набавки Дарко Јаневски посочи дека ние во последно време се соочуваме со инфлација на прописи.

– Од толку многу акти што сакаме да донесеме, на крајот ќе се изгубиме во нивната имплементација. Не е само работа да се направи планот, туку многу побитно е тој план да заживее, односно да имаме механизам истиот редовно да се мониторира и да се следи дали се појавиле ризиците кои се наведени во планот и како органот се справил со истите, истакна експертот.

Јаневски наведе дека во изминатите десет години е направено многу на планот на едукација на лица за јавни набавки, на обучувачи за јавни набавки, меѓутоа, како што рече, сите сме свесни дека не многу се зборуваше за антикорупциските мерки.

– Во натамошниот период треба да се фокусираме на изработка на програми, тоа секој договорен орган треба да си го зададе како задача, во кој фокусот ќе биде ставен на антикорупција, интегритет и конфликт на интереси. Колку повеќе се збори за тоа, што повеќе се дознава, толку повеќе она што го констатиравме дека корупцијата е во свеста на просечниот граѓанин, толку повеќе може ќе придонесеме таа свест да се менува, преку ноќ нема да имаме резултати, истакна тој.

Јаневски констатираше дека како држава имаме постигнато многу на планот на транспарентност во јавните набавки.

– Во спредба со периодот од 2008, сега транспарентноста е многу зголемена. Сметам дека фокусот во нареден период треба да биде повеќе ставен на планот на антикорупциските мерки, посочи тој.

Во однос на подобрувањето на тоа поле, Јаневски реке дека треба да се зголеми достапноста на информациите кој за кои јавни набавки конкурира. Да може пошироката јавност, додаде тој, многу полесно да дојде до тие податоци дали има некои шеми меѓу самите економски оператори или на релацииија економски оператор – договорен орган.

Тој истакна дека исто така како добра алатка служат состаноците за појаснување. Откако ќе се објави огласот и тендерската документација едноставно договорниот орган ги повикува во еден одреден термин сите заинтересирани да присуствуваат на таквиот настан и да дискутираат.

Околу транспарентноста, Јаневски оцени дека би било добро постапките за јавни набавки да се објавуваат на веб страниците на самите институции кои ги спроведуваат.

– Фокуот треба да биде ставен на атикорупциските мерки, почнувајќи од внатрешните планови за антикорупција, пред се да се стави акцент на нивната имплементација, зголемување на отчетноста преку вакви мерки, би било уште подобро, заклучи експертот.

В.д амбасадорот на Холандија во земјава Роберт Декер даде силна препорака да се престане со практиката за именување на политички вршители на директорските и менаџерските места, со што, како што оцени, ќе се зголеми довербата на граѓаните.

– Силно верувам дека граѓаните не треба да добиваат одредени функции врв основа на политичката пропадност, туку врз основа на нивните заслуги, потенцираше Декер.

Амбсадорот наведе дека препораките што ги даде Центарот за граѓански комуникации и Државниот завод за ревизија всушност се однесуваат на развивање на планови за интегритет во јавните набавки од страна на државните претпријатија, но исто така, како што рече, овие планови мораат да бидат спроведени.

– Овие активности беа вклучени во државниот антикорупциски план, што е многу важно и исто така сум благодарен на поддршката којашто е изразена во таа насока, нагласи Декер.

Тој потенцираше дека Холандија е партнер на Северна Македонија и ќе и обезбедува на земјата совети и експертиза за да се зајакне владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Би можело да ве интересира

Македонска пошта тоне во загуби и долгови, а директорите лани си ги зголемиле платите

Катерина Ѓуровски

На Онкологија биолошка терапија им само за 24% од пациентите, два акцелератора се во функција

Катерина Ѓуровски

Министерството за култура исплатило 318 милиони денари за проекти, без јасно дефинирани критериуми

Божиновска најави ревизија на сите државни институции во делот на енергетика

Катерина Ѓуровски

ДЗР: Претпазливо да се управува со јавните финансии, зголемениот јавен долг бара одржлива фискална политика

Од Македонија годишно си заминуваат по 2.500 високообразовани кадри, државата на петто место по одлив на мозоци

Катерина Ѓуровски