Коѕиас: Верувам дека вашата држава, и покрај тешкотиите, е елемент и фактор на стабилност во регионот

Од:

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас, во денешниот говор на Амбасадорскиот совет во Скопје, пред се, му се заблагодари на раководството на македонското Министерство за надворешни работи за поканата да говори, за што речее дека е голема чест за него.

– Денес живееме во тешко време. Во исто време, се разбира, ова е исклучително интересен период. Светот се менува. Западот веќе не е единствената сила во светот, и покрај тоа што е, секако, се уште главната моќ. Демографски, Западот е во опаѓање – особено во Европа. Демократија, која беше победник на крајот на 20 век повторно е во опаѓање, и и треба нашата постојана грижа и внимание. На светската сцена се појавуваат нови сили. Некои од овие сили сакаат да функционираат во рамките на постојните правила. Други сакаат да се ревидираат структурите на глобалниот систем. Вторите често го комбинираат внатрешниот авторитаризам со ревизионизам, додека во најекстремните случаи сме сведоци на изразување шовинизам, рече Коѕиас.

Според него, овие теории од пред 20 години, според кои 20-от век ќе биде век на ЕУ и на Европа, не се докажаа како валидни, според фактите.

– Одлуките од Лисабон, според кои ЕУ требаше да биде клучен играч во новите технологии, не се спроведоа. Во исто време, ЕУ, следејќи го патот на проширувањето, не обезбеди соодветни механизми и структури за натамошно продлабочување на европскиот проект и за посилна курс на интеграција, особено во политичката сфера. ЕУ е во криза, но сепак – и покрај противречностите и недостатоци – е модел на владеење на правото и заштита на човековите права. Наша должност е да ја извадиме од оваа криза. Дури да ја направиме и подобра. Да ги развиме нејзините позитивни аспекти и да ги оставиме зад себе негативните појави кои ги создаде кризата, нагласи тој.

Коѕиас информира дека во текот на изминатите две години, грчката страна постојано предлага широка дискусија за иднината на ЕУ. И тоа е затоа што, посочи, за разлика од минатото, дебатите во ЕУ се стремат да бидат ограничени на монетарните/финансиски прашања, санкции, ембарга и програми за фискално прилагодување.

– Несомнено, овие дискусии, исто така се потребни под одредени услови. Сепак, тие не можат и не треба да бидат главна грижа на Европа. Демократска дебата за иднината на ЕУ одамна е потребна. И прашања кои се јавуваат на крајот на денот се: Каква Европа сакаме во 21 век? Со кои начела и вредности ќе се движи напред? Кои институции и од кои земји ќе ја градиме оваа Европа? Треба да се развие стратегија, која нема да ја пропушти шумата поради дрвата. Во ова време постои опасност од повеќеслојна криза за ЕУ: таа се проширува, но, преку ова проширување, се развива во Европа на две брзини, рече Коѕиас.

Според него, оние кои се приклучуваат, како и голем број од сегашните членови, ризикуваат да останат во надворешниот круг, и во суштина само да ги спроведуваат одлуките на внатрешниот круг. – Нешто во оваа насока може да се гледа како решение во конзервативните кругови, но наместо да го реши проблемот, само ќе послужи да се репродуцираат проблематичните линии на поделба во самата Европа, рече грчкиот дипломат.

Тој додаде дека она што на ЕУ навистина и треба е развој на голем број политики и структури со кои може да се добие демократска нормалност и подобрување на потенцијалот на општество.

– Со други зборови, има потреба од политики и структури кои ќе придонесат за надминување на асиметријата што се карактеризираше со едностран развој во изминатите 15 години, што доведе до повеќеслојна криза. ЕУ се соочува со повеќеслојна криза, која може да ја уништи Унијата или да ја одведе кон светла иднина. Поточно, кризата во ЕУ е криза на идентитетот: Што точно е ЕУ ? Каква би сакале да ја направат внатрешните играчи ? Што е потребно да се направи ? Колку далеку може да се оди?, истакна Коѕиас.

Наше мислење е дека ЕУ, потенцира, треба да се движи во федерална насока и, исто така, да признава дека постојат национални држави и ќе постојат уште долго време. – Во исто време, развојот на Унијата треба да се однесува главно на демократските и социјалните права на нејзините граѓани и општествата кои се во опаѓање и на квантитативно и квалитативно подобрување на овие права. На овој начин, може политички да се надмине асиметричниот и едностран развој што ја карактеризираше ЕУ во текот на изминатите две децении, нагласи Коѕиас.

Тој истакна дека мора да се сфати дека ЕУ не ја губи шансата за конкурентност преку повеќе демократија и посилна социјална политика. – Всушност, повеќе демократија и посилна социјална политика ќе ја однесат на повисоко ниво, каде што конкуренцијата не е поврзана со намалување на трошоците, туку со поголема специјализација и капитализација на нови технологии, што ќе доведе до создавање на нови производи и имплементација на нови и демократски методи на организација на производството и услугите. Вистинска паметна економија, рече Коѕиас.

Според него, референдумот за Брегзит е само врв на ледениот брег. – Од една страна, постојат многу луѓе во ЕУ кои би сакале резултатите од референдумот да не се почитуваат. Од друга страна, има и такви кои сакаат Велика Британија да излезе од ЕУ што е можно побрзо. Оваа контроверзност меѓу игнорирање на резултатот и забрзување на неговото спроведување ја води Велика Британија и ЕУ кон една инерција што е многу полошо од поддршка на било која страна во овој случај, подвлече тој.

Исходот од референдумот во Велика Британија, нагласи, не е причина за политичката криза во ЕУ, туку резултат на оваа криза. – Се разбира, исходот ја забрзува кризата. Резултатот е производ на политиката на еднострано штедење која ја спроведуваат поголемиот дел од земјите-членки на ЕУ. Тоа е резултат на зголемената нееднаквост во распределбата на приходите и имотот и на зголемување на сиромаштијата, посочи Коѕиас.

Политичката криза во ЕУ е поврзана со лимитирање, или дури и елиминирање, на сите оние компоненти кои, до неодамна, го карактеризираа европскиот модел како што се: намалено прифаќање од страна на луѓето на европскиот проект, кој се разви во проект на европските елити, недостиг на визија, едностран развој на европската соработка во приоритетните области на неолибералните економски доктрини, ограничувањето на социјалните политики на Унијата и последно, но не и најмалку важно, фактот дека, во повеќето од нејзините земји-членки, имаше недостиг на демократски безбедносни вентили за надминување на кризата, рече шефот на грчката дипломатија.

Тој нагласи и дека проблемот со бегалците уште еднаш истакна две потреби: да се промовира политиката на европска интеграција, и да се отвори поширока дебата за иднината на Европа.

– Нашите две земји не само што и припаѓаат на Европа, тие исто така му припаѓаат на поширокиот регион, кои често го нарекуваме Југоисточна Европа, со центар во Балканот. Овој регион, како што се покажа иаминатите две години, се наоѓа во триаголникот на нестабилност, со повеќе последици и ризици. На нашиот север е Украина, на југозапад е Либија, и на нашиот југоисток се Сирија и Ирак, истакна Коѕиас.

Во овој контекст Коѕиас ја нагласи и соработката меѓу јужните држави на Европа: Македонија, Грција, Албанија и Бугарија. Две земји-членки на ЕУ и две земји-кандидатки.

– Оваа конфигурација зајакнува нашата соработка, нашето заедничко справување со главните проблеми со кои се соочуваме. Со ова ги промовираме и мерките за заедничка соработка. Оваа институција, на која и придаваме големо значење, се состана во првата половина од годинава и повторно ќе се сретне во октомври годинава, во Солун. Можеби и заедно ќе ја посетиме Света Гора. Почнувајќи од следната година, ќе се среќаваме на секои шест месеци во градовите од другите држави, како и во грчки градови, рече грчкиот министер.

Тој нагласи дека состанокот на четирите земји беше многу продуктивен и ветувачки.

– Сепак, тоа беше уште една димензија во соработката меѓу нашите две држави. Нашата соработка беше неочекуван чекор напред и дојде како изненадување за многумина, секако, за сите оние надвор од вашата земја, кои веруваат – многу погрешно – дека вашата држава е минлива или проблематична. Напротив! Вашата земја е држава која, исто така, во текот на последните настани, покажа стабилност и дејствуваше како фактор за безбедноста во регионот, без оглед на домашната политичка криза. Криза која јас сум длабоко убеден, вашата земја може сама да ја надмине. Се додека се имплементира демократијата, рече Коѕиас.

Тој додаде дека за разлика од многу други земји членки на ЕУ, „Грција избегнува изразување мислење или инволвирање во домашните работи на нашиот важен северен сосед“.

– Ние веруваме дека, во наше време, таков став не е само што е погрешен, туку исто така е неприфатлив. Надворешното мешање, како по правило, има спротивни од посакуваните ефекти. Ние имаме позитивно вреднување за постоењето на нашиот северен сосед, во која сме први по инвестиции и трговија, први во туризмот и меѓусебните контакти. Во исто време, би сакале да веруваме дека иредентизмот кој, според нашето мислење, не и служи на ниту една цел и не е поддржан од историска или сегашната реалност, ќе биде надминат. Јасно е дека несигурноста во врска со прифаќањето на постоењето на вашата држава, како и иредентизмот, некое време создадоа чувство на недоверба. Денес имаме преземено важен чекор напред. Личните односи меѓу мене и Никола зборуваат сами за себе. Односите меѓу Балканската четворка, исто така. Патот се уште е долг, се разбира, но ние сме решени да го поминеме. Тоа е она во што јас верувам и се надевам, и работиме оваа насока, подвлече Коѕиас.

Тој повтори дека важен чекор напред во односите меѓу двете земји беше и воспоставувањето на мерките за градење доверба и уште еднаш изрази сочувство за трагичната загуба на човечки животи во неодамнешните катастрофални поплави, кои покажаа дека двата народи живеат заедно низ соработка за време на хуманитарни кризи.

– Верувам дека, генерално, ние сме на добар пат за понатамошно зајакнување на нашите односи. Верувам дека вашата држава, и покрај вашите тешкотии, е елемент и фактор на стабилност во регионот. Од оваа перспектива, Грција прави и ќе продолжи да ги прави сите напори да се придонесе за развој на нашата соседна земја. Во исто време, ние ќе направиме се што можеме, со цел да не се дозволи наметнување на надворешни мерки против вашата земја. Во овој контекст, на Советот за надворешни работи на ЕУ, неодамна се спротивставив на разни идеи во врска со санкции против вас, рече Коѕиас.

Нашите две земји, потенцира, треба да живеат заедно во мир, соработка и благосостојба.

– Ако и кога прашањето за името ќе се реши и кога целиот иредентизам ќе биде спречен, двете земји ќе одат заедно на патот на ЕУ и безбедносните структури. Грција ќе стане поддржувач и медијатор на таквиот курс. Мојот говор денеска тука е чекор во насока на создавање на атмосфера на доверба и создавање на култура на дијалог и консензус. Уште еден чекор беше љубезната покана на вашиот министер за надворешни работи, како и вашето трпение за да ме ислушате, додека ја опишував мојата визија за зајакнување на пријателството, соработката и добрососедските односи меѓу нашите земји и за европската иднина на целиот регион, рече на крајот од својот говор грчкиот министер за надворешни работи.

Би можело да ве интересира

Коѕијас покрена тужба против Каменос

Сандра Бошковска

Коѕијас: Да прифатиме еден од предлозите на Нимиц

Ана Ололовска

ВИДЕО: Министерот Коѕијас се сретна со премиерот Заев

Ана Ололовска

Коѕијас во Скопје, проблемот со името не е тема на разговорите

А1он