Ќе продолжиме со нови урбанистички решенија за Струга, особено за крајбрежното подрачје со кои ќе ставиме крај на узурпацијата на брегот на Охридското Езеро, истакна денеска на прес-конференција кандидатот за градоначалник од коалицијата „Заедно за Струга“ Владимир Кочоски.
Според него, ваквите проблеми во градот се заеднички за сите граѓани без разлика на етничката и верската припадност.
– Проблемите со кои се соочува нашиот град од урбанистички карактер немаат национална, политичка или верска боја. Овие проблеми, секојдневно не мачат на сите нас подеднакво, Тие мора да се решат според потребите на граѓаните и според плановите за развој на нашиот град, истакна Кочоски.
Во програмата на Кочоски е предвидено и решавање на сообраќајните проблеми, преку изградба на неколку катни гаражи, како и со проширување и континуирано одржување на голем број улици.
На денешната прес-конференција, тој најави дека нема да дозволи, со паркинг-просторите во градот да стопанисуваат, како што рече, локални шерифи.
– Паркинзи во централното градско подрачје кои ги раководат локалните шерифи повеќе нема да има. На Струга итно и е потребна нова сообраќајна студија која ќе понуди современи, сеопфатни решенија со асфалтирани и широки улици и функционален влез и излез од нашиот град, порача кандидатот за градоначалник од коалицијата „Заедно за Струга“ доктор Владимир Кочоски.