Кандидатот за градоначалник на општина Велес од Коалицијата „Сојуз за иднината“ предводен од СДСМ Аце Коцевски најави дека ќе продолжи со изградба кејот на Вардар, ќе изгради спортски терени и парк во близина на факултетите и монтажна гаража.
– Бидејќи се зборува за дела, денеска сме во близина на неколку мои дела, со кои јас и граѓаните на Велес се гордееме. Малото мовче, кое стана препознатлив симбол на Велес, кејот кој му даде нов лик на овој дел на градот, споменикот на бесмртните Гемиџии и паркот. Тие се дела на граѓаните на Велес и се резултат на моите визии и на мојот одговорен и домаќински однос со парите на граѓаните кои се собираа во буџетот на општината, рече Коцевски на денешната прес-конференција.
И покрај бројните неправилности, како што наведе, граѓаните на Велес се одлучија да гласаат пред се за личност, независно од партиската припадност.
– Тоа само ја потврди високата демократска свест и политичка култура на граѓаните на Велес кои мене ме доживуваат како градоначалник на сите граѓани, за разлика од мојот противкандидат, кого го доживуваат исклучиво како партиски војник, рече Коцевски.
Тој потсети на неколку проекти како Индустриската зона Речани 2, колекторскиот систем на езерото Младост и патот од Свилара преку Оризари до Чашка и додаде оти на Велес му донел 1.250.000 евра. Коцевски рече дека во вториот круг од локалните избори во Велес очекува нефер битка.
– Чесниот човек се бори со исправена глава, без срам и без потреба од каква било помош. Јас како и моите дела зборувам сам за себе, рече Аце Коцевски.