Коалицијата „Сите за правично судење“ за Судскиот совет: Неправото не може да стане право

Од:

Коалицијата „Сите за правично судење“ повторно ја истакнува загриженоста за начинот на работењето на Судскиот совет во последните неколку денови и од мониторингот на неговата работа забележува континуирано отстапување од Законот за Судскиот совет и стандардите за транспаретно и отчетно работење на оваа институција, се вели во посебниот извештај на Коалицијата за денешната седница на Судскиот совет, на која беше избран нов претседател.

– Со оглед на алармантната ситуација во која што Судскиот совет се доведе себе си, повторно укажуваме на тоа дека Советот мора доследно да го применува Уставот, Законот и останатите позитивни прописи на Република Северна Македонија. Во таа насока, Коалицијата изготви посебен извештај со коментари за 439-тата седница на Судскиот совет одржана на 04.05.2023 година, но и за транспарентното работење на Советот во изминатите денови, се вели во соопштението од Коалицијата.

Седницата на Судскиот совет на која што требаше да се избира нов претседател на Советот, најпрво требаше да се одржи на 02.05.2023 година меѓутоа беше одложена со образложение дека Советот не е во полн состав. Од страна на Советот беше најавено дека навремено јавно ќе биде објавено ново соопштение за нејзино одржување.

– Денес е констатирано дека соопштението за одржување на 439-тата седница на Судскиот совет е објавено само 15 минути пред самото започнување на седницата, што сериозно придонесува кон намалување на транспарентното работење на Судскиот совет, бидејќи ваквото постапување практично ја спречува јавноста да присуствува на оваа седница и истото може да биде протолкувано како обид на Советот незаконски да оневозможи присуство на јавноста на седницата, се вели во извештајот на Коалицијата.

Коалицијата смета дека ваквиот начин на закажување и објавување на седниците е апсолутно спротивен на транспаретно и отчетно работење на Судскиот совет особено во вакви исклучителни ситуции кога за да биде подобрен имиџот на Советот и судството во целина се потребни исклучителни напори за транспарентност и отчетност во работењето.

Законот за Судскиот совет точно определува во кои ситуациии Советот може да донесе одлука за исклучување на јавноста од седниците. Имено, во член 39 став 2 е наведено дека јавноста може да биде исклучена заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија, а согласно став 3 кога Советот носи одлука за исклучување на јавноста истиот е должен да ја извести јавноста за причините за таквата одлука. Доколку станува збор за случај во кој Советот треба да донесе одредена одлука по точката за која јавноста би била исклучена, гласањето за одлуката мора да биде јавно исто како и самата одлука за исклучување на јавноста.

– Тргнувајќи од ваквиот начин на уредување на јавноста за работењето на Судскиот совет неминовно се забележува дека Советот повторно го има прекршено Законот во делот што се однесува на јавноста во постапувањето. Имено, денес беше наведено дека пред одржување на 439-тата седница, Советот одржал уште 2 седници зад затворени врати со образложение дека се расправало за сензитивна тема, односно за меѓучовечките односи во Советот, што според Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија не е основ за исклучување на јавноста. Дополнително, од ваквиот начин на постапување на Советот, се забележува и контрадикторно постапување на Советот во иста ситуација. Така, на седницата одржана на 26.04.2023 година, истата оваа точка беше јавна и граѓаните можеа да ја следат дискусијата и одлучувањето по неа, додека пак на денешната седница, иако се расправаше за истата точка, не беше дозволено присуство на јавноста.

Дотолку повеќе што Советот согласно законот не објави јавно дека ќе се одржи седница, а воедно ниту даде образложение на причините за носење на таква одлука, се вели во извештајот на Коалицијата.

Со ваквото постапување на Советот, уште еднаш, посочуваат од Коалциијата, се потврдува фактот за незаконското работење на Советот, како и нетранспарентото работење на истиот што сериозно ги разгорува јавните сомнежи за политички влијанија во истиот.

– Иако Советот наведе дека на веб страната се објавени одлуки за разрешување на Претседателот на Советот, неизбежно е да се нотира дека ниту одлуките за разрешување, ниту пак записниците од одржаните седници не се јавно објавени, туку само е објавено соопштение за повлекување на одлуката донесена на 26.04.2023г. Сепак, се наметнува како поважно прашање од кои причини Советот се обидува на секој можен начин ваквите одлуки да ги донесе зад затворени врати, па дури и со незаконско исклучување на јавноста од својата работа кога одлучува и дискутира за вака специфични прашања кои го засегаат неговото работење?, нагласуваат од Коалцијата.

Конечно во поглед на транспарентноста на постапувањето, Коалицијата повторно со жалење констатира дека аргументите и образложенијата на дадените гласови „за“ определен предлог се многу апстрактни, општи и генерички, па од истите не може да се добие ниту приближна претстава поради кои причини членовите на Советот поддржуваат определен предлог. Сепак, единствената позитивна практика на постапување која беше поставена денес е што четворицата членови кои гласаа „против“ предлогот побараа да им се овозможи да ги образложат своите гласови „против“, а истото им беше овозможено.

– За жал, еден член на Советот се противеше на ова барање со образложение дека Законот не предвидува обврска да се образлагаат гласовите „против“, а истото воедно е и востановена практика на постапување на Советот. Надоврзувајќи се на споменатите проблеми со транспарентноста, не изостануваат ниту нејаснотии и повреди на постапката за разрешување и избор на претседател на Судскиот совет. Пред сé, неопходно е да се истакне дека седницата на 02.05.2023 година беше одложена бидејќи Советот не бил во полн состав да одлучува за така важно прашање, односно да избира претседател со оглед да не беа присутни сите 13 членови со право на глас додека пак на денешната седница исто така повторно Советот не беше во полн состав, односно 1 член на Советот беше отсутен, но сепак беше одржана седницата и се пристапи кон избор на нов претседател. Ваквото работење на Советот повторно упатува на контрадикторно постапување од нивна страна без соодветно образложение за истото, што го покренува прашањето за интегритетот на
членовите на Советот, подвлекуваат од Коалицијата.

Воедно, на денешната јавна седница на Советот беше истакнато дека на некоја од претходните нејавни седници била повлечена одлуката за разрешување на претходниот претседател на Советот, а потоа била донесена нова таква одлука, овој пат со потребното мнозинство предвидено за избор на претседател, односно 8 гласа „за“.

– Ова покренува прашања за тоа како била повлечена одлуката која формално и не беше
донесена, бидејќи истата не постоеше во писмена форма, ниту пак беше јавно објавена во Службен весник на РСМ и дали истата во меѓувреме предизвикала некакво правно дејство. Дополнително, Законот за Судскиот совет на РСМ не предвидува постапка и можност за повлекување на одлуките, освен укинување на одлуките по претходно поднесена и уважена жалба на истите. Оттука, во отсуство на каква било транспарентност во постапувањето на Советот, се отворија и прашања за тоа во каква постапка била повлечена одлуката за разрешување, врз основа на кои причини и законски одредби било направено истото, како и во каква постапка и врз кој законски основ е донесена новата одлука за разрешување на претседателот на Судскиот совет, нагласуваат од Коалицијата.

Од аспект на процедуралните пропусти, во дневниот ред за денешната јавна седница отсуствуваше точка за усвојување на записникот од претходната седница, па така без да постои ниту усвоен записник, ниту формално изготвена и објавена одлука за разрешување на претходниот претседател на Советот, што значи дека ваквата одлука сѐ уште не предизвикува правно дејство, беше преминато кон избор на нов претседател.

Конечно, по изборот на новиот претседател на Советот, иако истиот веднаш по гласањето го презема раководењето со седницата, сепак истата беше паралелно водена како од новоизбраниот претседател, така и од заменикот претседател на Судскиот совет, па така и обајцата наизменично одлучуваа кој од членовите на Советот и во која мера може да земе збор за да го образложи својот глас.

– Поради сѐ ова, Коалицијата „Сите за правично судење“ со особена загриженост констатира дека, не само што Советот продолжи да ги заснова своите одлуки на претходно незаконско постапување (неправото не може да стане право), истиот направи дополнителни пропусти во имплементацијата на Законот и стандардите за добро управување кои мора да бидат доследно применувани, особено во случаите кога државата веќе ги започна пристапните преговори со ЕУ, каде Поглавјето 23 е клучен критериум, но и особено во случаите кога судството, а со тоа и Судскиот совет имаат исклучително лоша репутација во јавноста. Во спротивно, секоја идна одлука и постапка на Советот нема да ужива доверба ниту во јавноста, ниту кај судиите како конституенти на Советот, посочуваат од Коалицијата.

Би можело да ве интересира

Ѓорѓи Андонов и Тодор Поп Панев избрани за судии во Апелациониот суд Штип

Судскиот совет добил претставка и постапува по одлуката на Врховен суд за зградата на ССМ

Престанува мандатот на Мери Радевска како член на Судскиот совет поради пензионирање

Судскиот совет донесе одлука за престанок на судиската функција на Софија Спасовска Медарска поради избор за член на ДКСК

Кавга во Судски совет: Георгиева вели дека ќе и го поништат изборот за член, а судијата кој го барал тоа бил пензионер и Бугарин

Александар Тодески

Судски совет не донесе одлука за делегирање на судијата Осман Шабани кој ги водеше предметите „Талир“ и „Титаник“