„Армија на мирот“ е насловот на најновата заедничка книга на Свето Стаменов, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и публицист, и на проф. д-р Трајан Гоцевски, универзитетски професор и министер за одбрана во првата влада на независна и суверена Република Македонија, која деновиве беше објавена во чест на 25-годишнината од формирањето на Армијата на Република Македонија. Книгата содржи девет интервјуа емитувани на програмите на Македонското радио – Радио Скопје во изминативе неколку години, посветени на формирањето и на развојот на македонската армија во изминативе 25 години.
Затоа, таа е и еден вид своевидна исповед и сведоштво на еден од најодговорните луѓе на македонската одбрана во периодот на осамостојувањето на Република Македонија и создавањето на самостојниот македонски одбранбен систем и на неговата оружена компонента – Армијата на Република Македонија, чие формирање беше неопходен услов Република Македонија да профункционира како самостојна и независна држава. Токму тоа на книгата и дава уште поголема тежина, до толку повеќе што една продлабочена анализа на содржината на интервјуата покажува дека станува збор за своевидна хронолошка анализа на настаните, поткрепена со научна аргументација и документирана со оригинални сознанија за дел од настаните во кои еден од авторите бил учесник, а во најголем дел и креатор на процесите.
Иако „Армија на мирот” е книга која расветлува многу „нешта” во областа на одбраната и пред се, во и околу процесот на формирањето и развојот на Армијата на Република Македонија, таа воопшто не претендира да биде единствената вистина, туку само скромен прилог во меморирањето на дел од современата македонска историја, се разбира, гледано само од аспект на двајца соговорници.
Рецензенти на „Армија на мирот“ се генерал проф. д-р Димче Петровски, директор на Генералштабот на АРМ, и проф. д-р Ванчо Кенков, раководител на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет во Скопје, кои во својата рецензија истакнуваат дека оваа книга не само што претставува оригинален авторски потфат како по содржината, така и по начинот на излагањето на материјата, туку и капитално дело за македонскиот одбранбен систем и Армијата на Република Македонија.
Инаку, по „Македонски безбедносни лавиринти“, која беше објавена во 2015 година, „Армија на мирот“ е втора заедничка книга на Свето Стаменов и Трајан Гоцевски.