Наскоро ќе почне да се реализира проектот за регулација на речното корито на Липковка во должина од 1,8 километри. Проектот што треба да овозможи превенција од поплави на жителите кои живеат по течението на Липковка, ќе го реализираат УНДП, Министерството за животна средина и просторно планирање и општина Куманово.
Во општина Куманово денеска работен состанок за овој проект одржаа вицепремиерот задолжен за европски прашања Арбр Адеми, министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, постојаниот координатор на ОН и постојан претставник на Програмата за развој на ОН Луиза Винтон и градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјановски.
– Состанокот е во рамки на нашиот заеднички проект за регулирање и за реконструкција на речното корито на Липковска река. Проектот опфаќа 1,8 километри и со него придонесуваме за подобрување на стандардот на живеење на граѓаните кои живеат на тие населени места покрај речното корито, изјави Адеми.
Министерот Амети истакна дека проектот е инициран од Секретаријатот за европски прашања, реализиран од УНДП и потпомогнат од општина Куманово и Министерството за животна средина.
– Се работи за проект за уредување на речното корито и превенирање од поплави на Липковска река, во должина од 1,8 километри. Проект што ќе го кофинансираме сите три институции заедно и кој што беше потреба на граѓаните на Куманово за превенција од поплави на населението кое живее покрај Липковка река. Се надеваме дека проектот ќе заврши во предвидениот рок и со тоа ќе се помогне во подобрување на животниот стандард на граѓаните на Куманово, изјави министерот за животна средина и просторно планирање.
Винтон истакна дека еден од приоритетите на УНДП е да се намали ризикот од поплавите бидејќи, како што рече, тие се случуваат се почесто, а имајќи ги предвид климатските промени се очекува ситуацијата дополнително да се влоши.
– И оттаму тоа се вбројува во листата на нашите приоритети и благодарение на соработката со вицепремиерот, министерот за животна средина и просторно планирање и со општината бевме во можност брзо да почнеме со проектни активности за исполнување на овие цели, изјави Винтон.
Градоначалникот Дамјановски нагласи дека со регулацијата се опфаќа речното корито од автопатот се до вливот во Кумановка.
– Проектот ќе биде финансиран заеднички од УНДП, кој обезбедува еден поголем дел од средствата, Министерството за животна средина кое досега вложи осум и пол милиони денари и локалната самоуправа предвиде во буџетот 12 милиони денари. Проценетата вредност за целиот проект е некаде околу 700.000 долари. Тој е уште во фаза на изработка, а ќе отпочне постапката преку УНДП. Проектот ќе го води УНДП и се надеваме дека до крај на летото ќе биде завршен, изјави Дамјановски.