Македонскиот амбасадор во Прага, Игор Илиевски денеска на прес конференција соопшти дека е киднапиран неговиот син Џон Џејмс од страна на неговата мајка.
Иливески кажа дека локална адвокатска канцеларија и приватна агенција за обезбедување со сила го одзеле неговиот две и пол месечниот син.
„Правниот обид за киднапирање на мојот син од екстериторијална територија, резиденцијата на амбасадорот е реализиран од приватна фирма. И оттогаш сите повторени обиди да го видам својот син и да ги заштитам неговите човекови права беа неуспешни, рече Илиевски кој немал видено синот еден месец.
Неговата сопруга, исто македонски државјанин е недостапна, а Илиевски вели дека ги презел сите правни чекори пред чешките и македонските судови. Чешките судови се прогласиле за ненадлежни и го предале предметот на судовите во Македонија.
Илиевски претпоставува дека неговиот син се уште нелегално престојува на територијата на Прага со цел на 25 октомври кога изминува рокот за легално пријавување да биде регистриран како хуманитарен случај.
„За сите кои со „нелегални средства“ го ограничуваа мојот контакт со синот, за сите кои го предизвикаа инцидентот, кои предупредуваа, уценуваа или бараа да не притискам врз проблемот повеќе, сакам да најавам дека синот не може да биде користен како средство за војна со мојата личност“, рече Илиевски.
Тој отфрла политичка конотација на случајот, и информира дека неговата сопруга на сличен начин со помош на истата чешка фирма пред 9 години ја киднапирала својата прва ќерка од нејзиниот татко кој бил од Шпанија. Тој побара помош од медиумите и од официјалните чешки органи да може да продолжи во својата должност како татко да ги штити правата на своето малолетно дете.
Според Илиевски зад чинот на неговата сопруга стојат некои мотиви кои се надева дека доколку заврши целата драма ќе и бидат познати на јавноста.