Бојан Јовановски по пола час доцнење беше спроведен со судска полиција во судница, каде веќе беше донесена Катица Јанева од домашен притвор. Боки 13 дојде со очила за сонце, а откако влезе, за прв пат Катица Јанева му климна со главата и му се насмеа, по што, се насмеа и Боки 13.
За разлика од минатите рочишта, Боки не се пожали на болки. Во судницата се присутни двајцата бизнисмени Томе Главчев и Зоранчо Митровски, како и адвокатот Сашко Бошков кои се сведоци во „Рекет“.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“.
Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.