Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска на свечена церемонија, по трет пат го додели признанието „Најдобар млад научник“ за врвни научни достигнувања. Носител на признанието за 2012 година е Катерина Бачева за научно-истражувачка работа во областа на аналитичка хемија и хемија на животната средина, со посебен акцент на испитувањата на загадувањето на животната средина во Репубика Македонија со тешки метали.
Претседателот Иванов истакна дека изборот на најдобар млад научник придонесува кон развојот на младата македонска научна мисла, а покажаната креативност и постигнувањата на младите научници не охрабруваат да заклучиме дека Република Македонија има голем потенцијал во сите научни области.
– Оттука треба да направиме се младите научници да ги заземат своите места во образованието, институциите, компаниите во кои ќе можат најмногу да придонесат со својата научна работа, нагласи Иванов.
Честитајќи и на Бачева за признанието, претседателот Иванов истакна дека темата на која е посветена нејзината истражувачка дејност, здравата животна средина, е од суштинска важност не само во нашата земја, туку и во светот.
Притоа, македонскиот претседател го поздрави фактот што сета своја академска и научна кариера Бачева ја остварува во Република Македонија и својата иднина ја гледа токму во својата родна земја.
Катерина Бачева е родена 1984 година во Кавадарци, а своето образованието Магистар по хемиски науки го стекнала на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 2010 година Бачева е демонстратор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, а во 2011 е прифатена за изработка нејзината докторска дисертација на тема „Дистрибуција на тешки и токсични метали во примероци од животната средина во околината на рудникот Алшар”.
– Да се добие едно вакво признание од претседателот на државата, за еден млад човек кој се наоѓа на самиот почеток од својата научно-истражувачка кариера, е од огромно значење. Тоа ме поттикнува да продолжам и понатаму поинтензивно да се занимавам со наука и да дадам придонес во научните истражувања во Република Македонија, истакна Бачева, изразувајќи задоволство што државата преку вакви иницијативи ја поттикнува научно-истражувачката дејност и наоѓа начин да го вреднува и награди трудот на младите научници.
Како што посочи претседателот Иванов, доделувањето на денешното признание, кое се совпаѓа и со меѓународниот Ден на жената 8 Март, очекува да претставува поттик и мотивација за сите наши млади научнички.
Бачева е автор на две монографии и има објавено 20 научни трудови, од кои 11 во списанија со фактор на влијание. Зад себе има и 28 презентации на научни собири, од кои 13 на меѓународни научни собири.
Нејзината научно-истражувачка работа е од областа на аналитичка хемија и хемија на животната средина со посебен акцент на испитувањата на загадувањето на животната средина во Репубика Македонија со тешки метали, посебно на воздухот, водите и почвите, со примена на современи инструментални техники како што се атомската апсорпциона спектрометрија и атомската емисиона спектрометрија со индуктивно спрегната плазма. Катерина Бачева е воедно член на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија и на Македонско еколошко друштво.
Признанието „Најдобар млад научник” за врвни научни достигнувања, претставува традиционална манифестација, чија цел е стимулирање на развојот на научната и истражувачката мисла, со особен акцент на младите македонски научници до 30-годишна возраст.