Катароманијата стигна и во Гевгелија

Од:

Рекламите и огласите на агенциите за посредување при вработување направија миграциска зона и во Гевгелија со иселување голем број млади луѓе, кои бараат подобар живот и заработка во странство.

Меѓу актуелните дестинации се Катар и Дубаи.

Последните исповести на лица што имале лошо искуство со условите за работа во Катар, едно да потпишат со посредство на агенцијата, а работодавачот во Катар да ги смени работните часови, сместувањето и да го преполови износот на договорената плата, како и примери на силувани куќни помошнички, ги згрозија родителите од Гевгелиско, кои почнаа јавно да се спротивставуваат на иселувањето на нивните деца во оваа заливска земја.

– Јас сум самохран родител и не сакам нешто да му се случи на моето дете. Син ми има 25 години, но заљубен и заведен од желбата на неговата девојка, која има 20 години, сака да ја следи и да оди да работи во Катар за плата од 600 долари. Гледам по медиумите, оти со трошоците за стан, храна, превоз, едвај ќе им остане за живот. Се плашам за моето дете, многу е емотивно, мајка му е почината, да не стори нешто во револт, ако наиде на измама или друга провокација од газдите таму – изјавува разочарано родител од Гевгелија.

Тој е незадоволен од институциите во државата, кои не преземаат ништо за да го спречат овој бран на иселување на младите лица од Гевгелија.

Македонија заедно со БиХ има потпишано проблематичен договор за „помошнички-собарки“ со Катар, а се најавува дека истото ќе го направи и со Косово овој месец. Со договорот земјата увозник на работна сила од балканските земји нема обврска „да им гарантира одредени права“ или минимална плата.

Според агенцијата Ел-Алавја во Доха, Македонците и Босанците заработуваат минимум 190 долари на месец. Според работните часови, кои по волја на работодавецот може да инесуваат и 60 часа неделно, па дури и 100 работни часа, кои се честа појава, просекот на заработувачка се движи под границите од половина долар за еден час работен ангажман. Ова е заработувачка што му следува на роб, проценуваат светските медиуми што ја следат работната миграција кон Катар.

Родителот В.А. јавно бара помош од институциите, стравувајќи од тоа дека ќе го загуби синот, и бара Македонија да ги задржи младите во своите граници.

– Знам дека излезот е вработувањето, но мојот син и девојката се вработени. Одат во свет за поголема заработувачка, а од секаде пристигнуваат информации дека тоа, наместо можност за подобар живот, се претвора во модерно ропство – вели таткото на работниот мигрант.

Млади гевгеличани работеле во кафетерија во Катар и по еден месец газдата им го променил местото на престој, па морале сами да плаќаат превоз до работа, со што енормно им се зголемиле трошоците, а им се намалила заработувачката. Незадоволни од работата и заработувачката, го напуштиле Катар, но кога пристигнале во Македонија, не добиле ништо од заработувачката, бидејќи морале да платат пенали за предвремено раскинување на договорот.

Со ваквите незаштитени права на македонските работници во Катар, со посредство на македонската држава, патувањето за подобар живот станува кошмар, наместо услов за успех.

Новиот трансфер на македонска работна сила кон оваа земја богата со нафта, каде што газдите се однесуваат како модерни робовладетели, со примери на одземање на пасошите на своите увезени работници, условување визата за престој да престане да важи ако го напуштат работното место и слични можности, да се заглави во Катар, е закажан за два дена.
Авионот полетува од Скопскиот аеродром утре, на 12 септември, со новата тура македонски гастербајтери во заливската земја.

Со ангажман на повеќе македонски агенции, во Катар во моментот работно престојуваат околу 500 Македонци, меѓу кои и такви што ги ангажирала една гевгелиска агенција, која врши регрутирање на работна сила и меѓу гевгелиската младина. Договорите за работа се однесуваат за период од две години, а фирмата постои само една година, така што никој досега не се вратил за да ја раскаже својата бизнис-сторија од Катар, освен неуспешните примери на поединци.

Ќе успеат ли загрижените родители од Гевгелија да го спречат иселувачкиот порив на своите деца во потрага кон подобар живот?

А.Д.

Би можело да ве интересира

Србин со нож ранил маж во кафеана во угостителскиот објект на бензинската пумпа во Јосифово

Горан Наумовски

ВИДЕО: Град со големина на орев го погоди Гевгелиско

Градоначалникот на Гевгелија префрлил 36.000 евра на ракометен клуб основан од татко му, обвинија од СДСМ

Орце Костов

Едно лице загина во сообраќајката на патот Гевгелија-Богданци: Се судриле четири автомобили

А1он

Сообраќајка на патот Богданци-Гевгелија: Сообраќајот во прекин, интервенираат пожарникари и полиција

А1он

Гевгеличанец си садел марихуана во двор – доби кривична и притвор

А1он