Елена Караџовска, веб администратор во Институтот за јавно здравје и ќерка на епидемиологот Жарко Караџовски, преку социјалните мрежи им се обрати, на како што напиша: „драгите безобразни новинари“, кои вчера објавувале вести за тоа зошто доцнат статистиките за коронавирус. Караџовска во статусот објаснува дека за разлика од новинарите кои излегуваат по кафани, слави, шетања, таа и нејзините колеги работеле за празници, викенди, дење и ноќе. Дополнително, таа додава: „Вие работите, односно имате тема за статија зашто некој Ви дава податоци, иначе ќе си пишувате за дневно-политички настани“.
„Читам наслови уште од синоќа од типот: Зошто вчеравечер доцнеше статистиката за ковид-19? Да ви се одговори, драги безобразни новинари: Бидејќи системот е оптоварен, вработените остануваат ноќе до касно да бројат рачно и да внесуваат податоци, за потоа истите податоци да се испратат до релевантни структури за проверка и споделување. МЗ, ДСЗИ и ИЈЗ работат во служба на граѓаните, дури и до полноќ. Јас можам конкретно за ИЈЗ да кажам, бидејќи јас ја објавувам таа статистика и тотално се нервирам кога ќе прочитам дека сме биле неработници, манипулатори и сл. карактеристики, бидејќи јас знам како е од март навака да висиш 24/7 онлајн и да чекаш мејлови со податоци за да ја сработиш службената работа, без да имаш викенд, празник, и кога си дома, и дење и ноќе и постојано да шеташ со лаптопот некаде. И моите колеги знаат како е да не се прибереш дома со семејството, бидејќи бројат пријави и внесуваат податоци или работат во лабораторија. За разлика од сите вас што си излегувате по кафани, слави, шетања и журкања низ државава и сл, некој нема време да си живее на раат како вас, во време на корона пандемија, бидејќи работи одговорна работа“, напиша Караџовска.
Таа обвинува и дека не е се така како што новинарите известуваат, а целта според неа им е да креираат лоша слика за здравствените институции.
„Срамота е да се коментира такво нешто. ИЈЗ отсекогаш била институција која споделува податоци во врска со некоја состојба или настан. Вие работите, односно имате тема за статија зашто некој Ви дава податоци, иначе ќе си пишувате за дневно-политички настани. Не сакам да ми се споделува статусот, поентата е да се прочита и да се пренесе дека не е се’ така како што вие известувате, бидејќи излегува дека народот го подбуцнувате да се распалува од какви и да е вести и во јавноста да се креира лоша слика за наведените институции“, додава Краџовска во статусот.