Телевизијата Канал 5 ќе се жали на одлуката на Советот за радиодифузија зашто смета дека селективно делење правда.
„Се оправда ли Советот за радиодифузија со одлуката за А2 казнувајќи ја Канал 5. Решението за забрана за три дена рекламирање е само продолжение на крајно бескомпромисниот однос на членовите на советот. Ваквата практика на СРД без оглед дали е во нов или стар состав не е за изненадување. И натаму продолжуваат со селективниот пристап на делење правда.
Многупати кога другите национални радиодифузери ги кршат законите во самите вести или во другите информативни емисии им се прогледува низ прсти зашто според нив, тоа било нормално однесување за некои новинари. Но, кога на Канал 5 се појавува јасно означен рекламен спот за најава на турска серија тогаш пред членовите на советот се појавува црвената марама. Напаѓаат и се кријат зад законите, толкувајќи ги само врз субјективно мислење, а не поради објективните факти.
– И покрај немањето законска обврска за јавно извинување за рекламен спот, Канал 5 тоа го стори во вечерните вести. Дообјаснивме дека рекламата се однесува на турска серија која на ист начин била рекламирана и во Турција пред емитувањето. Казната е непримерно голема и не е во согласност со законот за радиодифузија како што е наведено во соопштението. Затоа телевизија Канал 5 ќе поднесе жалба до надлежниот суд“, реагираат од телевизијата Канал 5.