По синоќешниот скандал кога лица од службеното обезбедување на МРТ упаднаа во програмата Канал 103 се огласи редакцијата на Музичкото радио – Канал 103.
Почитувани,
Канал 103 веќе 24 години е симбол на независната и слободна мисла и клучен промотор на прогресивната музика и култура воопшто, претставувајќи трн во око на сите политички номенклатури на власт во независна Македонија, без исклучок. Само благодарение на нашата бескомпромисна истрајност, ентузијазам (сите соработници на Канал 103 се волонтери) и со широка поддршка и солидарност од нашите слушатели и слободољубиви индивидуи од културно-општествениот живот успеваме да одолееме на сите политички и друг вид притисоци од нашето основање до денес. Во тој контекст, сакаме да ја искажеме нашата згрозеност од петочниот упад во програмата на радиото од страна на службеното обезбедување на МРТ и притисокот на кој беше изложен нашиот соработник кој во дадениот момент ја реализираше својата емисија. Недвосмислено ја осудуваме постапката на истото тоа обезбедување кое спротивно на своите овластувања го спречи гостувањето на Стојанче Ангелов на програмата на Канал 103. Во исто време, категорично ги отфрламе сите обиди за поврзување на радиото со било која политичка структура во Република Македонија. Како што се справивме со многуте обиди за затворање на радиото, меѓу кои и оној од 2004 година од страна на тогашното раководство на МРТ предводено од Гордана Стошиќ, така и денес сме подготвени да се бориме за начелата на слободно изразување врз кои почива Канал 103. Стотројка, како независен медиум постар од суверена Македонија, отсекогаш била и ќе остане искра светлина од мрачните лавиринти на Македонската Радио-Телевизија.
Редакција на Музичкото радио – Канал 103