Камперите пред Влада под неидентификуван летечки надзор?

Од:

Неколку портали пред три дена објавија видео снимка од кампот пред Влада која беше објаснета со тврдења дека во „Кампот на слободата“ се случил инцидент. Иако видеото не покажува инцидент кој наводно се случил туку само група на луѓе и човечки силуети, се постави прашањето од како порталите се снабдија со снимките кои по се изледа се направени преку видео надзорот на Владата, кој затоа е доверлив материјал.

На You tube сервисот снимката ја објави порталот Нетпрес на 31 јуни, а наредниот ден излезе и текстот дека постои тензија меѓу два табори во кампот. Главниот уредник на порталот, Дејан Николовски негира дека видеото потекнува од безбедносниот систем на Владата, туку вели дека видеото го направил случаен минувач.

-Во врска со снимките што Нетпрес ги објави, пишува во текстот, тие се од очевидци на местото на настанот, кој во тие моменти случајно се нашле таму и ги снимиле. Наша обврска како медиум е да го заштитиме изворот на информациите и на видео материјалот, бидејќи тој тоа го побара од нас. Ние се согласивме со неговото барање, а во интерес на вистината информација и видео материјалот ги објавивме – вели Николовски.

Според самата снимка, снимателот се наоѓа зад јарболите пред Владата, во самиот двор на објектот. Освен тоа очигледно е дека аголот на снимање е од висока позиција што се согледува од самите кадри. Ова сепак според Николовски не е во контрадикторност со неговото објаснување.

-Јас не сум бил во моментот таму и не знам од каде точно е снимано. Од нашиот извор ги добивме материјалите, такви какви што се. Не те разбирам што е тука контрадикторно и како што тврдиш ти, незаконски – рече тој.

Видео снимката потсетува како на тие од владините камери кои ги имаат истите перформаси. По движењето на снимката може да се утврди дека станува збор за роботска камера, затоа што такви движења не може да ги направи човек. Роботски камери се употребуваат во видео надзорот на објекти каде е потребна заштита на безбедноста.

Од Владата не ни одговорија на прашањата дали снимките од видео материјалите се споделени со одредени медиуми, со што би се прекршил правилникот за видео надзор и Законот за лични податоци. Портпаролот Александар Ѓорѓиев не одговори на нашите повици, ниту пак на смс пораката „Како и дали снимките од видео надзорот на Владата стигнаа до одредени медиуми?“

Според член 9 од Законот за заштита на лични податоци забрането е пренесување на снимките од видео надзорот преку интернет или други електронски средства за пренос на податоци. Според Дирекцијата за заштита на личните податоци, пак, „само овластеното лице има право да гледа на екранот и да го прегледува снимениот материјал, додека прибраните податоци мора да се чуваат заклучени и пристап до истите има само овластеното лице.“

Маја Васева

Би можело да ве интересира

СДСМ: Бесмислена и нефункционална е мерката на Владата за објавување на цените

А1он

СДСМ: Истрагата за Кочани е селективна, се штитат директно одговорните за трагедијата

А1он

ВМРО-ДПМНE: Филипче, Заев и СДС да одговорат како се стига до златна виза во Дубаи

А1он

СДСМ: На Велиген власта остави работници од повеќе институции без плата

Катерина Ѓуровски

ВМРО-ДПМНЕ: Да се извини Филипче и СДС што го лажеше народот дека „Бугари во Устав” се единствениот услов за напредок на државата

СДСМ: Со апсење само на поранешни полицајци истрагата за Кочани станува фарса