Заврши изборната кампања за вториот круг од Локалните избори 2025 и на полноќ почна молкот пред гласањето в недела на 2 ноември. Се гласа за градоначалници во 32 општини и Градот Скопје, но изборниот молк важи за целата земја.
Правилата за изборен молк важат од 1 ноември, заклучно со 19:00 часот на 2 ноември. За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
Локалните избори 2025 се осми од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.
Во вториот изборен круг за градоначалник се гласа во главниот град и во Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Долнени, Дојран и Зрновци.
Во главниот град во општините Центар, Аеродром, Карпош ќе има две ливчиња за гласање бидејќи се избира градоначалник на Скопје и на локалната самоуправа, додека во Шуто Оризари на три гласачки места ќе се гласа за градоначалници и ќе има прегласување и за советници. Во останатите општини ќе се гласа само за градоначалник.
Во вториот круг од локалните избори право на глас имаат 1.013 375 граѓани.
Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), денеска треба да гласаат 4.826 болни и изнемоштени лица, чии барања се одобрени од Општинските изборни комисии. Ќе гласаат и затворениците и лицата во домашен притвор од општините каде се бираат градоначалници.
Изборите ќе ги следат 1.598 меѓународни и странски набљудувачи, од кои 933 странски и 651 меѓународен.
На Локалните избори 2025 вкупно учествуваат (прв и втор круг) 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.
На денот на изборите, утре гласањето ќе почне во 7:00 часот, а ќе трае до 19:00 часот.
Гласачите на избирачкото место ќе можат само еднаш да одат за да гласаат иако има гласање и за градоначаланици и за советници, а во Скопје се гласа и за градоначалник на главниот град и за прв човек на општината, како и за двата совети. Се гласа тајно, а на овие избори како и на минатите за идентификација на избирачите освен лична карта или пасош ќе се прави и со т.н. фингерпринт апарати.
На минатите Локалните избори во 2021 првпат беше воведен уредот за биометриска идентификација на гласачите во постапката на гласање.
Државната изборна комисија (ДИК) првичните резултати од локалните избори добиени по електронски пат од општинските изборни комисии ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од општинските изборни комисии во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
На 19 октомври изборите завршија и беа избрани 44 градоначалници и советници во ресиси сите општини, со исклучок на Шуто Оризари каде ќе се прегласува. Во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и во Маврово, не беше избран градоначалник затоа што на гласањето во првиот круг на 19 октомври не беше постигнат цензусот од најмалку една третина излезност. Во овие општини ќе почне нова изборна постапка за избор на градоначалник во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од Локалните избори 2025, согласно Изборниот законик
