Камчев: Катица и Боки 13 беа како хиени барајќи рекет

Од:

Веќе час и половина сведокот бизнисмен Орце Камчев го дава својот исказ во судот за случајот „Рекет“. Тој, освен кон Бојан Јовановски и Катица Јанева, прстот го впери и кон други лица – обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова и братот на судијката Весна Димишкова, адвокатот Васил Димишков.

„Не треба да се само овие двајца обвинети, треба да има и други“, рече тој.

На моменти зборувапше смирено, а на моменти беше нервозен. Бојан Јовановски во текот на сведочењето постојано го гледа во очи, на моменти се смее, додека ексшефицата на СЈО, обвинетата Катица Јанева гледа во документите пред себе.

Камчев рече дека во август 2018 за првпат слушнал дека против него се води истрага и дека е под ПИ мерки, кога адвокатот Васил Димишков побарал да се сретне со него, на јавно место.

„Ми рече да му дадам 100.000 евра за да направиме договор и дека може да влијае да има поблаги мерки. Ако ми дадат притвор, тој да издејствува куќен притвор, фактички ми даде цела скала која мерка колку ќе кошта, како да сме на пазар“, рече Камчев.

Во овој „дил“, имало и посредник – директор на позната банка, на која Камчев не му го кажа името. Преку истиот директор, Камчев ја одбил понудата на Димишков.

Потоа, следувале контактите со Бојан Јовановски – Боки 13. Тој прво барал реклама за телевизијата, а потоа, заедно со Зоран Милески – Кичеец му доставил и две понуди. Едната за проект за фешн – молови, а втората за старечки домови.

„Јас го погледнав зачудено и му кажав дека со молови не работам. Тогаш тој ја сврте последната страна од договорот и ми рече, ама види кој е потпишан тука, Лазар Јанев, синот на Катица Јанева. Јас реков, е добро де, ништо не ми значи тоа и преку Милески ја одбив понудата“, рече Камчев.

За проектот со изградбата на старечки домови Боки 13, според Камчев, му барал 4 милиони евра за лиценцата.

„Кога направивме пресметка, сфатив дека со тој проект јас ќе бидам во загуба 10 милиони евра и така го одбив. Тогаш Милески ми се јави и рече декја Боки е многу лут, дека е моќен, има телевизија, може да ме плука и дека е најдобро да платам за реклама“, рече сведокот Камчев.

Тој вели дека за реклами на 1ТВ платил 170 илјади евра, преку 2 фактури, едната од Систина, а втората од Орка Холдинг.

Но, според Камчев, ова не било доволно, па тој завршува во притвор за случајот „Империја“. Тогаш, рече тој, дека „се му станало јасно“.

„Вршеа жестока тортура врз моите компании, нотар не можеше да ми влезе. Сето тоа беше притисоик смислен од Боки 13, реализиран од Лиле Стефанова по наредба од Катица Јанева“, рече тој.

Камчев зборуваше и во името на својата сопруга Ана, за која рече дека имала неколку средби со Боки 13 и Зоран Милески кои и барале пари за тој да излезе од притвор.

„Во населбата Орман Бојан организира состанок и ја вика Ана, во декември… И во станот е Катица. Катица и упатува директна закана дека ќе отвори уште 3-4 предмети против мене ако не платиме. Откако Ана излегла од станот, на вратата чекал нов клиент – Дејан Панделески, исто како на пазар!“, рече тој.

БОЖЕ, БОЖЕ, ЗАР БОКИ 13 ГО УПРАВУВА СЈО?

Тој рече дека предмет на рекет бил и сега неговиот покоен другар, ексдиректорот на Телеком Жарко Луковски, кој лично му кажал дека платил околу 450 илјади евра за да не биде осомничен.

„И Тинекс и Дејан Пелистерка, сите платија, ама не се одважија да кажат. Јас решив дека морам да ја прифатам играта и да платам. Немав на кого да пријавам рекет. На кого? На обвинителката? На истражната судијка? Сите беа вмешани, како хиени околу вас“, рече тој.

Камчев рече дека првично му биле барани 8 милиони евра, доколку Катица Јанева го работи предметот против него, а 5 милиони евра доколку го работи Вилма Русковска. Кога прашал зошто толкава разлика во цената, му било кажано дека „ако го работи Вилма, ќе гледаат да уништат некои докази“.

„Тогаш си реков, боже, боже, зар Боки 13 го управува СЈО?!“, рече Камчев пред судот.

Тој директно ја посочи Јанева, дека во просториите на СЈО, додека тој бил со својот адвокат Антонио Апостолски, во собата за сведоци, му се обратила со зборовите – „она што го договараш со Бојан, да го завршиш“.

Камчев вели дека тогаш одлучил да им даде 1,5 милиони евра. Ги спакувал во ташна Луј Витон и го викнал Бојан Јовановски.

„Тој па беше и лут зошто сум ставал и банкноти по 50 евра, немал што да им прави. Му реков дека ги ставав по 50 евра за да не му се нагмечи ташната, да биде пополна“, иронично рече Камчев.

Во тој период, тој веќе одлучил да снима се и за истото бил известен директорот на УБК.

КОГА МУ КАЖАВ НА ЗАЕВ, ТОЈ БЕШЕ ЗАПРЕПАСТЕН

Откако му ги дал парите на Боки 13, Камчев, според сведочењето, му се јавил на премиерот Зоран Заев и отишол на средба, со сите снимки што ги поседува.

„Морав да пријавам. Му се јавив на Заев, човекот беше запрепастен. Ми рече, дај ми неколку дена. Потоа имавме уште една средба и ми рече се што имам да однесам кај обвинителката Вилма Русковска“, рече тој.

Би можело да ве интересира

Притворен рекетар од Скопје кој од жртвата барал 180.000 евра

Ниту измените во Кривичниот законик, ниту најавената амнестија не ја опфаќаат Катица Јанева

Приведени две лица за изнуда, поднесена кривична пријава

(АУДИО) Русковска не знае дали е таа на новите бомби за кои кажа дека се од „Рекет“, па сега не знае што врска имаат со предметот

Кристијан Ландов

Караници меѓу сестрата на Камчев, Боки 13 и адвокатот, судијата смируваше: „Тужи ме колку сакаш“

Кристијан Ландов

Сестрата на Камчев за позајмените пари: Планира да ми ги врати, досега не ме изиграл

Кристијан Ландов