Во очи на утрешниот голем празник, 9 Мај-Денот на Европа, треба да се упатат пораки на соработка, пријателство, разбирање, кое е единствен начин да ги решавате и сите натрупани проблеми што постојат, не само меѓу науката, туку и кои се рефлектираат и врз односите меѓу народите, луѓето и државите.
Ова денеска го изјави претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Владо Камбовски пред пристапното предавање на академик Феликс Унгер, во пресрет на Денот на Европа. Додаде дека го одбележуваат и 16 Ноември – Денот на толеранција.
За заедничкото чествување на празникот „Св. Кирил и Методиј“ во Бугарија, Камбовски рече дека тоа се должи на интензивираната соработка на МАНУ со академиите на соседните држави.
– За жал, и покрај сите обиди не успеавме да воспоставиме поблиска комуникација со Атинската академија на науките и државите кои припаѓаат на нашиот регион и на поширокото европско подрачје. Со Бугарската академија одбележувањето на овој значаен јубилеј, Денот на сесловенските просветители, е во контиунитет со веќе воспоставената соработка. Кон крајот на минатата година потпишавме Договор и Протокол за соработка на заеднички проекти. Опфатени се 30-тина заеаднички проекти на кои веќе почна да се работи. Групите кои ќе ги подготвувааажт скиците и елементите на проектите веќе се состануваат, рече Камбовски.
Најави дека на 14 мај со Српската академија ќе потпишат Протокол за заедничка работа на неколку значајни научно-истражувачкли проекти.
– Сакаме да внесеме нов дух на соработка меѓу највисоките научни институции како мост на зближување и разбирање, кој не исклучува и дискутирање од страна на научните кругови, на најчувствителните прашања од нашето поблиско или подалечно минато. Без никаква супериорност или наметнување на ставови од било која страна, потенцира Камбовски.
Тој изрази надеж дека научната мисла ќе тргне некои недоразбирања кои, како што рече, се должат на недоволна информираност на луѓето, кои под такви услови можат и да манипулираат.