Како Судскиот совет си го заштити колегата Теофиловски од притвор, кога Уставот веќе 15 години не го дозволува тоа

Од:

Судскиот совет го заштити својот колега Зоран Теофиловски со имунитет, иако според уставните и законските решенија е јасно дека немал основ за такво одлучување. Уште во 2005 година, кога биле усвоени амандманите за измена на Уставот, променет бил и членот кој предвидувал дека членови на Судскиот совет имаат имунитет што ги штити од кривично-правен прогон и притвор. Оттогаш наваму лицата именувани на оваа функција немаат имунитет.

Советот кој му одзеде имунитет на членот Зоран Теофиловски за да овозможи водење кривична постапка, но не и за да оди во привор, се брани велејќи дека постапува спред Законот за судски совет. Но, во законот е предвиден имунитет за судии, но не и за членови на Судскиот совет. Теофиловски, иако доаѓа од судската фела, во овој момент не е судија, бидејќи со изборот да биде дел од советот судиската функција му е во мирување, а со тоа и правата што ги уживал.

Осомничениот член на Судски совет, Зоран Теофиловски

Судијата Седат Реџепагиќ, којшто побара да се одземе имунитетот и да се дозволи Теофиловски да оди во притвор, смета дека одлуката е донесена, па затоа нема да закажува ново рочиште за побараниот притвор за членот на Судскиот совет. Наспроти него, Обвинителството e убедено дека осомничениот нема имунитет и одлука за притвор може да донесе само судот, но не и Судскиот совет.

Уставот пред неговата измена во 2005 година во членот 104 предвидувал дека „Членовите на Републичкиот судски совет уживаат имунитет. За нивниот имунитет одлучува Собранието“. Со уставните измени што биле изгласани во Собранието во 2005 година, преку амандман, членот кој на Судскиот совет му овозможуваше да се повика на имунитет е целосно изменет, а со тоа и можноста да се спасат од евентуален кривично-правен прогон, но и притвор, ако тоа е побарано против нив.

Членот 104 од Уставот кој предвидувал имунитет за членовите на Судскиот совет и одлуката за негова амандманска измена

Споредба може да се направи со членот 100 од Уставот кој им дава имунитет на судиите. Иако и тој претрпил измени со амандмани, во истиот период кога им се одзел имунитетот на членовите на Судскиот совет, членот и натаму ги штити судиите од кривично-правен прогон, а е променет и делот за начинот на кој се одобрува притвор и симнување имунитет на судија, како и во делот кој треба да одлучи за тоа.

Членот 100 во Уставот кој предвидува имунитет за судиите и амандманската измена

Следејќи ги овие законски и уставни решенија, останува отворено прашањето како Советот одлучувал за судискиот имунитет на Теофиловски, кога тој не извршува судиска функција, бидејќи истата му е ставена во мирување од денот кога бил избран за член на советот.

„А1он“ побара објаснување од другите членови на Судскиот совет, а оттаму ни испратија законски решенија на кои се повикувале при одлучувањето. Нема одговор на прашањето дали членовите на Судскиот совет уживаат имунитет, како и дали имунитетот на судиите важи кога се товарат за дело што не е поврзано со судиската функција.

Членовите на Судски совет

„По претходно поднесено барање од судијата на претходна постапка, Судскиот совет на РСМ да одлучи за одземање на имунитетот, да се произнесе по барањето за определување мерка притвор на судија член на Судскиот совет на РСМ, Советот одлучи врз основа на член 36 став 1 алинеја 8 во врска со член 99 став 1 од Законот за Судски совет на РСМ“, велат од Судскиот совет.

Во првиот член 36 став 1 алинеја 8, на кој се повикува советот, стои дека: „Советот е надлежен да одлучува за одземање на имунитет на судија“. Оттука, нејасно е како тие одлучувале за одземање на имунитет на член на Судскиот совет и нивни колега кој во овој момент не ја врши функцијата – судија.

Член 36 од Законот за судски совет на кој се повикуваат членовите при одлучувањето за Теофиловски

Од Судскиот совет во натамошниот одговор за „А1он“ велат дека одлучувале и врз основа на член 99 став 1, кој, пак, предвидува: „Советот да одлучува за одземање на имунитет на судија во случаи утврдени со закон“. Со ова, остануваат правните дилеми, како одлучувале за одземање на имунитетот на Теофиловски кога тој не ужива вакво право. Во законот не пишува дека може да одлучуваат за имунитетот на членови на Судскиот совет, односно нивни колега.

Членот 100 од Законот за судски совет на кој се повкуваат членовите при одлуката за Теофиловски

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, пак, и натаму очекува судијата на претходна постапка Седат Реџепагиќ да одлучи по нивниот предлог за определување притвор на Теофиловски. Тие сметаат дека осомничениот Теофиловски нема имунитет за Реџепагиќ да побара Судскиот совет да одлучи дали на членот во советот ќе му биде истиот одземен.

Би можело да ве интересира

Судски совет донесе заклучок за продолжување на постапката за избор на двајца членови на Советот

Судски совет донесе одлука за пензионирање на двајца судии

Судски совет ги оспори пред Уставен суд законските измени со кои се стопираше зголемувањето на платите на судиите

Судски совет: Со интервенција во законот директно се влијае врз нормалното функционирање на судовите

Ѓорѓи Андонов и Тодор Поп Панев избрани за судии во Апелациониот суд Штип

Судскиот совет добил претставка и постапува по одлуката на Врховен суд за зградата на ССМ