Како населбата стар Аеродром стана нов град

Од:

Со промена на ДУП-от на просторот, каде до сега живееја 400 семејства со 1.700 жители, сега во 50 висококатници треба да се вселат 7.000 семејства со нови 27.000 жители. Мораше ли да се направи ваков хаос за да се инкасираат 40 милиони евра за комуналии во општината и четири пати повеќе кај инвеститорите?

Александар Писарев

Татнеж од тешки градежни машини, пумпи и мешалки за бетон, булдожери, камиони… викотници и надвикувања на стотици работници од најголемите градежни компании „Адора“, „Голеден арт“ и „Дабар“, раздвижени како во мравјалник. Така во овој миг изгледа населбата Стар Аеродром, попрецизно локацијата наречена Црква – Урбана единица Б1, како што ја дефинира ДУП-от на Општината Аеродром.

Со хронолошка анализа на промената на изгледот на овој дел од градот, ќе се обидеме да направиме проекција на идната демографска, урбана, сообраќајна, инфраструктурна промена и да ja добиеме идната слика за квалитетот на животот на новите станари на овој дел од Скопје. Основните прашања што сегашните и идните жители на овој дел од градот ги поставуваат се: како ќе функционира овој „нов град“, кои ќе бидат неговите жители и дали тие ќе имаат квалитетен живот? Дали после ваква градежна експанзија и зголемување на бројот на населението од постојните 1.700 на 27.000 жители во овој микрокосмос, ќе има доволно вода, струја, зеленило, слободен простор, основни училишта, градинки, амбуланти и како ќе се одвива сообраќајот низ постојната улична мрежа.

Во чија полза е ДУП-от?

Населбата Стар Аеродром во Скопје, која е изградена непосредно по земјотресот во 1964 година и конципирана како место за хумано и безбедно живеење, сега е синоним за градежна експанзија во Скопје и место на отпорот на локалното население против неиздржливиот притисок на градежната „мафија“ и големата преселба на населението од провинција во метрополата. Со реализација на Деталниот урбанистички план (ДУП) за Стар Аеродром во Општината Аеродром, на локациите каде што моментно се наоѓаат или се наоѓале педесетина приземни станбени објекти, во тек е изградба на 50 висококатници, од кои секоја ќе има по 120 стана. Практично, на местото на секоја приземна станбена единица која имала 10-12 стана, никнува висококатница за колективно живеење со 120 станбени единци.

Староседелците, навикнати на полувековен мирен живот во типска населба со многу зеленило и комплетно решена инфраструктура, доживуваат тектонски поместувања во животот. Под притисок на Општината која е креатор и реализатор на ДУП-от, како и под притисок на инвеститорите кои во трка за поголема заработувачка од продажба на становите заборавиле на основните постулати во градежништвото, граѓаните се натерани да се откажат од досегашниот начин на животот во приземни куќи и да се прилагодат на станбени блокови, наредени еден до друг и доближени на растојание од десетина метри, без зеленило, без хуман простор и социјализација меѓу нив.

Според проекцијата која ја направивме врз основа на деталната анализа на ДУП-от, прошетката низ ова големо градилиште и разговор со локалното население, архитекти, градежници, инвеститори – можеме да заклучиме дека овој дел од градот наречен Стар Аеродром допрва ќе се соочува со големи урбани и инфраструктурни проблеми, чие решавање нема да биде ниту лесно, ниту едноставно, а уште помалку брзо.

Урбаното јадро на оваа населба го сочинуваа типски приземни згради со пет или шест стана од кои секој имал своја индивидуалност и дворно место, како и типски станбени објекти со приземје и еден спрат со осум стана. Две третини од овие објекти се веќе срушени и на нивно место се висококатници. Населбата Стар Аеродром била изградена на зелена ливада во далечната 1964 година, на местото каде некогаш се наоѓал воениот аеродром на Југословенската народна армија (ЈНА). Била конципирана за домување на воените лица чии станови биле срушени во катастрофалниот земјотрес, кој го погодил Скопје на 26 јули 1963 година. При нејзината изградба биле применети највисоките архитектонски и градежни стандарди, квартовите се распоредени по Хиподамусовиот систем со прави улици кои се сечат под агол од 90 степени, со големи зелени површини помеѓу куќите. Имала одлично решена инфраструктура, паркинг простор, централно затоплување, водовод, канализација…
До доцните осумдесетти години за населбата и одржување на станбениот простор се грижела Дирекција за управување и изградба на воен станбен фонд ,а населбата во европски рамки била презентирана како типска населба наменета за пријатен и хуман социјален живот со висок степен на сеизмичка, еколошка, сообраќајна и друга безбедност.

Битка за просторот

После осамостојувањето на Македонија и новата територијална поделба во раните деведесетти години, почнува големата битка за овој простор. Многу работи се одвиваа зад грбот на жителите само помеѓу инвеститорите и општината. Обидите на староседелците да го сочуваат овој простор и сами да го прошират сопствениот станбен простор по урнек на слични населби во Скопје, Тафталиџе, Влае, Ѓорче Петров, Синѓелиќ, Лисиче… завршија безуспешно.

На почетокот на 2006 година, новоизбраниот градоначалник на Општина Аеродром, Кирил Тодоровски ја најави градежната експанзија во овој дел на Скопје и изјави дека: „За да ги зголеми инвестициите во Општина Аеродром, администрацијата изготвила 35 нови ДУП-ови за помали објекти, надградби, доградби“. Тогаш никој уште не спомнувал изградба на висококатници со П+9+П (приземје, девет ката и потпокрив).

Маја Арсова, архитект која речиси десет години беше консултант и советник на локалните жители како оваа населбата да се рециклира, реактивира и реинтегрира во градското ткиво и на жителите да им се обезбеди поголем станбен простор, а притоа да не се создаде хаос, раскажува дека постоеле неколку убави идеи да се задржи и естетски да се оплемени постојната населба со модерни станови за индивидуално живеење.

„После половина век, како последица на нови процеси во градското ткиво, бројни архитектонски објекти останаа заробени како неми сведоци на некое друго време, планирани за поинакви пазари и капацитети, комплетно деконтекстуализирани и несоодветни за денешните состојби во новата реалност. Со детални градежни испитувања утврдивме дека секој од овие станбени објекти е граден според високите асеизмички стандарди, со темели длабоки до 2 метра и со напрегната челична конструкција, која може да издржи на секој постоечки стан да се доградат уште по еден спрат и потпокрив.

Жителите ја прифатија оваа идеја и врз основа на неа во 2006 и 2008 година започнаа преговори и разговори со Општината за донесување на конечен ДУП“, вели Арсова.

Локалната самоуправа во оваа идеја не пронајде свој финансиски интерес и почна да подготвува ДУП, кој во првата верзија предвидуваше во оваа населба на местото на постојните згради кои ги нарекоа бараки (иако се работи за објекти од цврста градба), да се градат згради со четири спрата плус потпокрив. Оваа варијанта не им се допадна на потенцијалните инвеститори, а и Општината почна да прави калкулации како да заработи повеќе пари од наплата на комуналии. На 93-та седница Советот на Општината Аеродром, во февруари 2009 година, по трет пат го ревидираше ДУП-от за оваа локација и на инвеститорите им дозволи да градат висококатници до височина од 20 метри, односно згради со П+6+ПП (приземје плус шест ката и потпокрив). Правопропорциoнално со зголемувањето на апетитите на инвеститорите при изградба на зградите да одат уште во височина, се зголемуваа и апетитите на Општината за поголем износ на комуналии. Со следните измени на ДУП-от во текот на 2011-2013 година, височината на зградите се искачи на П+7+ПП, за во 2014 да се дозволи изградба на згради до височина П+9+ПП (приземје плус девет ката и потпокрив). Тогаш започна и конкурентски натпревар помеѓу двата најголеми инвеститора во Стар Аеродром: градежните компании „Адора“ и „Голден Арт“ околу тоа кој ќе сруши повеќе стари згради и на нивно место ќе изгради нова висококатница. Од разговор со инженерите во двете компании дознавме дека сметајќи ги зградите кои се вселени, кои се во завршна фаза, или се до степен на карабина, секоја од овие компании во моментов гради или изградила по десет згради и склучиле договори со староседелците за уште толку.

Од планираните 50 висококатници со 120 станбени единици, практично две-третини се со нивна маркица. Во „меѓупросторот“ дозвола за градба на една или две згради успеал да добие и „Дабар“, како и неколку маргинални градежни фирми. Становите во оваа населба се продадени однапред, уште во пред-градба по цена од 1.200 евра за квадратен метар станбена површина. Општината на име комуналии инкасирала помеѓу 700 и 900 илјади евра од секоја зграда или според груба проценка, Општината Аеродром од промена на изгледот на населбата ќе има заработка од над 40 милиони евра, а во касата на инвеститорите сумата ќе биде четири пати поголема.

Староседелците не беа задоволни со понуденото решение, бидејќи стана јасно дека населбата комплетно ќе го смени ликот и ќе стане хаотично место за живот. За смирување на страстите, инвеститорите им понудија на станарите да се откажат од дворните места и старите станови, а во замена за „дотрајаните бараки“ да добијат по 120 квадратни метри станбен простор распореден во една, две или три станбени единици во новите висококатници.

„Многумина бевме против ова решение и сакавме да се реализира првичната идеја за доградба, или надградба на постоечките згради, а инвеститори да бидат самите станари. Општината изврши притисок и единствено за оваа населба не дозволи легализација на доградби, а откупот на земјиштето го услови да биде исклучиво преку инвеститорот, кој на тоа место има намера да гради зграда“, раскажува Никола Шадрманов.

Така, наместо осмислена ревитализација на овој простор преку приспособување во постојните габарити, се пристапи кон стихијна и во голема мера непланска стратегија, која е плод на желбата на инвеститорите и локалната самоуправа за голема заработка, а на штета на квалитетот на животот на идните станари. Пред да започне ова градежно цунами на локалитетот Црква – урбана единица Б, на неполни 30 хектари имало вкупно 40 приземни, или станбени објекти со приземје плус спрат, со вкупно околу 240 станбени единици и приближно 1.300 жители, несметајќи ги и 700 жители во старите таканаречени три воени кули. Во целата населба Стар Аеродром живееле помеѓу 350 и 400 семејства со вкупно околу 2.000 жители. На ова место сега се во изградба или се веќе изградени 50 висококатници од кои секоја има по 120 стана. Бројот на семејствата ќе се зголеми на преку 7.000, а бројот на жителите до 2017 година е проектиран на 27.000.

За да се добие појасна и попрецизна перцепција за новиот изглед на оваа населба, ќе симулираме промена на само едно урбано јадро на познатата улица „Руди Чаевац“ (по ново „Методија Шаторов – Шарло“) на потегот од Тобако 2 до црквата Св. Илија. Во оваа улица долга 350 метри се наоѓале 20 приземни станбени објекти со вкупно 120 станбени единици и приближно 480 жители. Секоја станбена единица имала двор и зеленило од приближно 600 квадратни метри. На овој простор во должина од 350 метри се изградени или се во завршна фаза десет висококатници со вкупно 1.200 станбени единици, а бројот на жители е зголемен на 4.800.

Архитект Арсова поставува прашање дали постоечката инфраструктура ќе може да ги задоволи потребите на новиот „град“. Хаосот веќе се гледа, почнувајќи од паркинзите, кои почнуваат да се шират на местата на некогашното зеленило, па сè до снабдување со вода, струја, основно образование, градинки…

„Среќниците“ кои овде купиле станови, допрва ќе ги почувствуваат проблемите. Двете основни училишта на оваа локација имаат капацитет за само 2.000 основци, а двете градинки и до сега беа претесни да ги примат сите дечиња.
Ќе настапи сообраќаен хаос

Сообраќајниот инженер м-р Ненад Тониќ од Секторот за сообраќај на град Скопје извршил ревизија на сообраќајните решенија во состав на ДУП-от Стар Аеродром. Во 2012 година, Сектор за сообраќај на град Скопје забележал и предупредил дека е нарушена планската проекција на ГУП за степен на населеност во Стар Аеродром и на состанокот со општинските власти, Секторот сугерирал дека мора да се направи ревизија, затоа што ова решение не е добро и со реализација на ДУП-от до 2017 година ќе се создаде сообраќаен хаос.

„Дизајнирањето на еден градски простор не смее да биде одвоено од проценката колку квалитетно тој сообраќајно ќе комуницира со остатокот од градското „ткиво“. Особено со оние негови сегменти со кои на дневно ниво е условен (зони на работење, на пример).

Населбата со планска одредница локалитет Црква – урбана единица Б (кодно име „Стар Аеродром“) покажа амбиција да вдоми повеќе од 26.000 жители, на површина од 30 хектари. Во форма на основни општествено-социјални ќелии, 26-те илјади посакувани резиденти можат да се впросечат во околу 7.400 домаќинства, кои низ призмата на степенот на моторизација, продуцираат возен парк од околу 6.000 возила“ вели сообраќаен инженер М-р Ненад Тониќ.

Под претпоставка дека само 60 отсто од вкупниот број возила во утринскиот врвен час ќе се упатат кон работните места на своите сопственици, на излезните пунктови на локалитетот се добива маса од 3.600 возила. Таа маса, поделена во груб сооднос – 70 проценти да се најдат на крстосницата бул. „Јане Сандански“ и 30 проценти на бул. „Кузман Јосифовски Питу“ – ул. „Фрањо Клуз“ ќе нареди 2.520 автомобили, или колона од возила долга 15,1 километри.

Кои се новите жители?

Покрај урбанистичка овој дел на градот доживува и тектонска демографска промена, не само според бројот на жителите, туку и според социјална, културолошка, образовна и интелектуална структура… Речиси половина од новите жители, според анализата на регистарските таблички на возниот парк и неофицијалните податоци добиени од инвеститорите за структурата на купувачите – се од провинција, од градовите меѓу 10 -20 илјади жители. Овој феномен на депопулација на малите градови и притисок врз метрополата е под посебна опсервација на економскиот аналитичар Горан Лефков.
„Политиката на дисперзија на високото образование во „селските средини“, проектите на Владата – „купи куќа – купи стан“, злоупотребата на субвенциите во земјоделството, масовната продажба на земјоделско земјиште во „бесценетост“ се претворија во инструмент за преселба на населението од малите градови во метрополата и депопулација на малите градови“, вели Лефков. Депопулацијата на малите градови (од 7.000 – 30.000 жители) во Република Македонија станува загрижувачки социо-економски проблем кој во годините пред нас ќе доведе до континуиран пад на квалитетот на живот и ќе биде увертира за тивко исчезнување на малите градови.

Професорот Славе Ристески од Економскиот факултет вели дека „прашањето на депопулацијата и внатрешните миграции е важен индикатор за виталноста на секое општество, но за жал, во Македонија процесите на депопулација на внатрешноста стануваат вообичаени и нормални без размислување за последиците. Податокот на државниот Завод за статистика дека во 141 населено место (според пописот од 2002 година) нема ниту еден жител (ситуацијата денес е уште позагрижувачка) се смета како вообичаена работа и производ на транзицијата“, вели професорот Ристески.

Преселбата од провинција во Скопје, според него, наметнува потреба од итна проекција на идниот демографски и социјален развој на метрополата. „Ова е потребно од повеќе причини: Пред сè поради претпоставениот притисок на големите градови каде треба да се планира проценка за идната побарувачка на енергија, транспорт, храна, вработување, социјално и здравствено осигурување, бројот на студенти, потребен број на места во училиштата, градинки, здравствени установи… за следните најмалку десет години. Бидејќи таквите проекции не се направени, можеме да претпоставиме во каков хаос допрва ќе влезе државата, посебно, што преголемата привремена миграција од скоро 200.000 лица се трансформира во трајна“, предупредува Ристески.

Горан Лефков, вели дека причините за загрижувачки масовната преселба од малите градови во Скопје лежат во локалните и централната власт, кои се неспособни да креираат добри развојни планови. Дали свесно или несвесно поддржуваат пропаѓање на малите градови преку вкупната маргинализација на потребите на овие заедници и преку блокада на процесите за вистинска децентрализација и пренесување на процесите за одлучување на локално ниво како и енормно мали издвојувања на делот од вкупниот БДП за развој на овие заедници (25 пати помалку од она што е планирано до 2014 година).
,,Државата и локалната самоуправа треба да створат услови за подобар и поубав живот на граѓаните и да обезбедат економски развој со што би се спречило мигрирање кон Скопје. Ако на граѓаните во провинција им обезбедите квалитетен живот, економски напредок, културни содржини, добро снабдување, квалитетно здравство, спорт, безбеден живот, тие ќе немаат причина да се селат во метрополата. Источниот регион е отсечен, нема патна инфраструктура. Замислете во 21 век, воз за Кочани сообраќа само три пати неделно, еднаш во текот на работната недела и два пати за викенд“, додава Лефков.

Петиција пост-фестум

Седумстотини жители на трите воени кули во Стар Аеродром започнаа да собираат потписи за петицијата со која бараат општинските локални власти да го стопираат ДУП-от и реализацијата на планот за изградба на зграда до зграда и паркинг за 82 возила во нивниот парк. Граѓаните се револтирани од игнорантскиот однос на Општина Аеродром, бидејќи велат дека се планира да се уништи зелената површина-парк, во кој со години е вложен човечки труд, но и финансии, за да има каде децата да играат, а сега преку ноќ ќе се претвори во нов бетонски појас. „Само околу воените кули на „Руди Чајевец“ истовремено се градат пет нови згради“, вели Гордана Мандиќ, жителка на овој дел од населбата.

„Паркингот е планиран да ги опслужува станарите на новоизградените згради во овој дел од Стар Аеродром, кои според локалните жители, се градат без да се има предвид или да се внесе во план каде ќе се паркираат возилата на тие што ќе живеат на таа локација“ вели архитектката Лита Чириќ, една од иницијаторките за петицијата. Иако ДУП-от бил донесен во 2012 година, пред неколку дена жителите на трите воени кули на улицата „Руди Чајавец“ дознале дека половина од паркот меѓу зградите, заедно со детското игралиште треба да станат паркинг за автомобили. Да се повлечат на доработка спорните ДУП-ови за Аеродром, побара и Љубица Јанчева, координаторка на Советничката група на СДСМ.

Јанчева вели дека граѓаните се сведоци на хаосот што настана со изградба на 48-те нови згради и висококатниците, поради коишто, често има прекин на снабдувањето со вода и проблеми со електричниот напон. Аеродром сака да дише. Затоа на Аеродром му се потребни промени. „Сакаме да бидеме партнери во создавањето подобри услови за живеење во Аеродром. Нашата цел е зголемување на капацитетите на градинките, зголемување на зеленилото, инвестиции во еколошки проекти“, вели Јанчева.

Од Општината Аеродром ги смируваат граѓаните. „Овој урбанистички план е донесен во согласност со законската регулатива и истиот беше на јавна анкета. Висококатниците се градат според ДУП-от и во договор помеѓу станарите и инвеститорите. Градбата на јавните паркинг-простори ја врши општината, но за оваа година не е планирана изградба на паркинг-простор“, велат од општината. Но, не даваат детали за точната површина на асфалтираната локација, ниту од каде потекнува потребата токму меѓу кулите да се уништува зеленилото и да никне јавен паркинг. И новите и станари кои само што се вселиле во висококатниците се загрижени дали постоечката инфраструктура ќе може да ги задоволи нивните основни потреби. Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски вели дека има проект што опфаќа изградба на нова фекална канализација во должина од околу 400 метри во улицата “Руди Чаевец“ и нова атмосферска канализација од околу 300 метри. Улицата ќе биде темелно обновена.
Триста метри улица се реконструира од декември минатата година и работите се сè уште на почеток. Според увидот на лице место широчината на улицата останува иста само ќе добие нова атмосферска и фекална канализација, ќе се надгради водоводната мрежа и ќе се постави комплетно ново осветлување. „Овие градежни зафати се неопходни за жителите на стар Аеродром да добијат подобри услови за живеење, полесен проток на сообраќајот и поголема безбедност. За овој проект Општината издвои над 20 милиони денари од својот буџет, а ќе бидат вложени дополнителни 6 милиони денари за изградба на водоводната мрежа“, вели Коневски.

Мртви градови

Според невладините организации, кои се занимаваат со локален економски развој, од последниот попис до денес градовите Кратово и Крива Паланка ги напуштиле 6.000 жители и се преселиле во Скопје. Според оваа тенденција, препознаваме десет градови со ,,црна“ демографска перспектива (Крива Паланка, Демир Хисар, Кратово, Берово, Делчево, Свети Николе, Ресен, Виница, Пехчево, Македонска Каменица). Тие уште во 1994 година имале намален број жители во однос на 1970 година, но тие разлики не биле толку драстични (5-10 отсто), но податоците од 2002 година кога е извршен последниот попис на населението се загрижувачки и покажуваат дека бројот на населението за 18 години се намалил за преку 50-60 отсто.

До почетокот на раните деведесетти години – 750.000 лица ги напуштиле руралните подрачја на Македонија, тој процес никогаш не е запрен.

Сиромаштија

„Нискиот стандард и сиромаштијата се најголема причина за миграција од малите места кон поголемите градови. Истражувањето за сиромаштија што го направила Македонската платформа за борба против сиромаштија покажува дека најголем прилив на нови жители во Скопје доаѓа од делови на источна Македонија каде населението е социјално најзагрозено и живее под работ на сиромаштија.
Еклатантен пример е Берово, каде секое петто домаќинство не може ниту еднаш неделно да јаде оброк со месо. А, од квалитетот на животот зависи дали ќе останете во еден град или ќе се преселите во друг“, вели Сашко Јованов од Македонската платформа за борба против сиромаштија.

Квалитет на живот

Скопје, за јавни набавки (од кои зависи и квалитетот на животот на граѓаните) во 2012 година, потрошило 1.029 евра по глава на жител, додека сите десет посочени општини со изразена депопулација заедно потрошиле само 640 евра по жител. Најдрастични примери со мала потрошувачка за јавни набавки по глава на жител се: Ресен – 10 евра, Виница – 32, Кратово – 40, Демир Хисар – 52, Берово – 56. За споредба, Општина Центар во 2012 година за јавни набавки потрошила 412 евра по глава на жител.

Од Центарот за граѓански комуникации посочуваат дека граѓаните и граѓанските организации треба да бараат од локалните власти да го зголемат износот на јавните набавки по жител за набавка на стоки и услуги кои ќе ги подобрат условите за живот и работа и ќе го подигнат животниот стандард на локалната заедница, што може да биде важен фактор во запирањето на процесот на депопулација на овие градови.

*****
Прилогот е изработен во рамки на Проектот „Демографија – квалитет на живеење“ на НВО Инфоцентарот, Македонскиот центар за европско образование, Осми септември и Центарот за развој на медиуми, со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на прилогот е одговорност на авторот и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Лажна вест: Се гради нова џамија во Лисиче

Искра Манојлоска

Општина Аеродром: Детската улица „Тоше Проески“ останува непроменета

Ана Ололовска

Општина Аеродром: Никој не е виновен што нема нови школски униформи, ќе бидат поделени до крајот на месецот

Маја Илиевска-Пачемска

(ВИДЕО) Советниците од опозицијата бараат да не се гради „Рајскиот парк“, Коневски тврди дека не може да се направи пренамена на парите

А1он