Јубилеј од 65 години на ЈСП „Скопје“

Од:

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ – Скопје денеска ја одбележа 65-годишнината од основањето. На годишно ниво автобусите на ЈСП „Скопје“ поминуваат 16.414.000 километри и превезуваат вкупно 50.585.000 патници. Претпријатието има 312 нови автобуси, произведени од 2010 до 2012 година, донација од Владата на Република Македонија.

Директорот на ЈСП „Скопје“ Мишо Николов се осврна на историјата на ова претпријатие и истакна дека со одлука на народната власт во 1947 година е основано градско сообраќајно претпријатие кое во судскиот регистар било запишано токму пред 65 години, на 17 јануари 1948 година.

– Почетоците на ова ЈП биле тешки. Почнале да работат со пет запленети возила од окупаторот, за подоцна да почнат етапно да се набавуваат нови возила. Поголема набавка била направена во 1949 година кога се набавени 10 автобуси од француската марка „рено“. Автобусите биле од марката „рено“, „шкода“ и по некој „фиат“, рече Николов.

Првата автобуска линија која била воведена во Скопје почнувала од денешен „Алкалоид“ и АСУЦ – „Боро Петрушевски“ преку кејот „13 Ноември“ и завршувала до Градскиот парк. Втората воведена линија била од Автокоманда до Водно, а во 1955 година веќе има 8 линии низ целиот град.

Тој потсети дека во 1953 година во претпријатието набавени се двокатни автобуски кои, како што рече, биле вистинска атракција во главниот град, за патниците и возачите на автобусите и еден предизвик за денес на скопските улици да се возат убави двокатни автобуси.

За денешната состојба, Николов рече дека годишно се превезуваат над 50 милиони патници во 312 нови автобуси произведени од 2010 до 2012 година. Потсети дека ЈСП „Скопје“ е сопственик и на модерната жичница на Водно, која на 3 јуни ќе одбележи две години работа.

Николов им се заблагодари на поддржувачите на ова претпријатие – премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финасии Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, скопскиот градоначалник Коце Трајановски, на „АМЕРИТ“ за донацијата на пералната во Ѓорче Петров…

– Град Скопје и градоначалникот Коце Трајановски сериозно го помагаат нашето претпријатие преку субвенциите кои годишно изнесуваат од 2 до 3 милиони денари. Врвот на помошта ќе биде во 2013 година кога во буџетот на Град Скопје се одвоени 230 милони денари, средства за изработка на нови автобуски постојки кои наскоро ќе ги добиеме, како и модернизација на системот за наплата во ова јавно претпријатие, рече Николов.

Старите дотраени автобуси, како што рече градоначалникот Трајановски, никој не ги сакаше бидејќи беа ладни, пропуштаа вода, ветар, снег, беа неефикасни и имаа се помалку патници.

– Старите автобуси имаа потреба од замена. Денес 100 отсто од возниот парк на ЈСП „Скопје“ е заменет со нови двокатни и нископодни ефикасни автобуси со кои Град Скопје доби нов изглед, а што е најважно доби модерен јавен превоз на кој може да му позавидат голем број на европски градови, констатира градоначалникот Трајановски.

Тој посочи дека покрај обновата на возниот парк, Град Скопје на многу начини го помага ова ЈП, со субвенциите за ниските цени на билетите и со инвестиции во инфраструктурата. Потсети дека лани е реконструирана една сервисна хала во автобазата во Ѓорче Петров, опремена со модерен автоматски систем за одржување на автобусите.

– Од буџетот на Град Скопје наредните три години ќе се одвојат околу 60 милиони денари за изградба на 270 автобуски постојки, како и 180 милиони денари за системот за автоматска локација на возилата и за електронска наплата на билетите, рече Трајановски.

Во моментов целокупниот автобуски превоз се извршува на 79 дневни и 8 ноќни линии. Во мрежата на ЈСП „Скопје“ – Скопје има вкупно 1.001 автобуска постојка од кои 496 се на подрачјето на Град Скопје.

Просечно во работните денови на редовните линии распоредени се 257 автобуси, во саботите 129, а во неделите и во државните празници 102 автобуси. Возниот парк се состои од вкупно 443 возила марка Санос, Лејланд, Икарус, Застава-минибуси, ЛАЗ, Јутонг и туристички автобуси, со просечна старост од 10,06 години и се сместени во автобазите Автокоманда и Ѓорче Петров.

Би можело да ве интересира

Земјотрес во Грција, почувствуван и во Македонија

Паднати дрвја, поплави и сообраќајни пречки на неколку локации во Скопје

Горан Наумовски

Скопје го зафати невреме проследено со пороен дожд, силен ветер и интензивна појава на град

Горан Наумовски

Починат маж е пронајден во стан во Скопје, истрагата е во тек

Притвор за турски државјанин кој со капак од шахта тепаше сограѓанин во Скопје

А1он

Обвинителство: Ja убил партнерката пред петгодишно дете, па сакал да избега