По повод јубилејот 20 години Народен правобранител, во Собранието на Република Македонија денеска ќе се одржи панел дискусија на тема „Институцијата Народен правобранител во Република Македонија: почетоци, развој и предизвици“.
Панел дискусијата, како што е најавено, ќе ја отворат претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, народниот правобранител Иџет Мемети, претседателот на Асоцијацијата на Омбудсмани на Медитеранот и омбудсман на Република Албанија, Еринда Баланца, а преку видео обраќање честитки за јубилејот ќе испрати Европскиот омбудсман Емили О’ Рајли. Од името на Комесарот за човекови права на Советот на Европа ќе се обрати Бојана Урумова.
На панел дискусијата ќе учествуваат народниот правобранител Мемети, поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски, претседателот на Европската мрежа на национални институции за човекови права (ЕННХРИ) Лора Видовиќ-Омбудсман на Република Хрватска, Омбудсманот на Босна и Херцеговина Јасминка Џумхур, како и поранешниот омбудсман на Република Албанија Ермир Добјани.
Во рамки на десеттиот јубилеен состанок на Асоцијацијата на Омбудсманите на Медитеранот (АОМ), денеска и утре исто така во Скопје ќе се одржи конференција на тема „Народниот правобранител како заштитник на социјалните, културните и еколошките права“, на која ќе учествуваат омбудсманите и претставници на омбудсман институциите од земјите членки на Асоцијацијата.
Првиот ден од конференцијата, која ќе почне во 14:00 часот во х. Холидеј ин, ќе биде посветена на „Улогата на народниот правобранител во заштита на социјалните права на ранливите категории на граѓани и на „Улогата на народниот правобранител во заштита на културните права“.
На вториот ден од конференцијата ќе се дискутира на темата „Улогата на народниот правобранител како заштитник на правата од животната средина“, а планирано е и усвојување на Декларација на Асоцијацијата.