Новоизградениот, а сè уште неопремен и функционално незаживеан објект на автобуската станица во Гевгелија, со одлукa на Советот на Општината даден е на стопанисување на јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ од Гевгелија.
Одлуката е донесена на последната, четврта редовна седница на локалниот општински Совет, што се одржа неделава и со неа се уредени условите за давањето на користење, одржување и управување на автобуската станица.
Според усвоениот документ, ЈПКД „Комуналец“ не може автобуската станица да ја дава под закуп на користење на друго физичко или правно лице, или да ја даде под хипотека. Начинот на користењето, одржувањето и управувањето, начинот на давање услуги на превозниците што вршат линиски превоз на патници, работното време и износот на надоместокот за користење на услугите, јавното комунално претпријатие ќе ги уредува со посебни акти за кои согласност треба да даде Советот на Општината.
Инвеститор на новата автобуска зграда, како комунален објект од јавен интерес, заедно со петте перони, е Општина Гевгелија со сопствени буџетски средства. Објектот е сè уште технички комплетно неопремен за својата функција и се очекува негова финализација со електронска монтажа на системот, мебел и други елементи во ентериерот за да ја преземе својата улога на транспортна точка на Општината.
Настрана од предизборните ветувања дека новата автобуска, која е лоцирана непосредно до Железничката станица во Гевгелија, треба да прерасне во патничка трансферзала до март годинава, ако го игнорираме доцнењето на градежниот зафат, со одлуката паѓа в очи трупањето на надлежностите на Јавното комунално претпријатие во Гевгелија.
Гевгелиски „Комуналец“ најпрво со Законот за погребни дејности требаше да го отстапи раководењето на градската капела и на градските гробишта во Гевгелија на друго јавно претпријатие, кое требаше да се формира пред неколку години, но и покрај укажувањата на републичкиот комунален инспектор такво нешто не се случи. ЈПКД „Комуналец“ сè уште, покрај основната дејност: снабдување со вода за пиење и чистење на јавниот смет, ги извршува и работите од сферата на погребалните услуги.
Напоредно со ова, со изградбата на тениските игралишта во Гевгелија од програмата на Агенцијата за млади и спорт, локалната самоуправа нивното управување и раководење го отстапи повторно во надлежност на ЈПКД „Комуналец“.
Колку е рентабилно стопанисувањето со спортските терени и другите дејности не е познато, бидејќи во завршната сметка ова претпријатие со години прикажуваше загуби, а од пред четири години, со покачувањето на цената на водата за речиси 100 отсто, останаа поголем дел средства како неискористена добивка. Дали на ваков начин Општината врши прераспределба на добивката на ова јавно претпријатие, бидејќи без одлука и согласност на Управниот одбор на претпријатието му наложува и други обврски и надлежности, без да определи извори на приходи за остварување на новите обврски од другиот делокруг на дејности, е само прашање на кое одговор ќе дадат експертите со последната завршна сметка на претпријатието.
А.Д.