Првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски, на распит пред судијката Васка Николовска-Масевска повторно говореше за доказите кои, според него, покажуваат дека не рекетирал, а се во неговиот телефон одземен од страна на Обвинителството, за кој тврди дека не е вештачен. Јовановски кажа дека во телефонот, кој не му бил вештачен, имало аудиоснимки од разговор со ексглавниот и одговорен уредник на згаснатата „1ТВ“, Ацо Кабранов, со кого разговарал за Орце Камчев.
„Ова што јас го зборувам можеше да го потврди господинот Кабранов. Доколку сведочеше Дувњак, ќе објаснеше за средбата со Катица Јанева, кога ја посетивме во СЈО“, посочи Јовановски.
Тој во исказот посочи дека повеќе пати се среќавал со обвинителката Вилма Русковска во „1ТВ“, каде разговарале додека таа пиела алкохол. Јовановски кажа и дека тој ја договорил Русковска да гостува во згаснатата „1ТВ“.
„Јас ја повикав Русковска во телевизијата, неколку пати беше во редакцијата, во четири очи сме пиеле кафе, па и алкохол, како што е редот во една домаќинска куќа. Јас не пиев алкохол бидејќи таква беше атмосферата“, рече Јовановски.
Обвинетиот Јовановски во изјавата посочи дека телевизијата со која раководел се финансирала легално од компании што се рекламирале, а не од СДСМ и ВМРО, ниту, пак, барал државни пари. Со исказот Јовановски сака да докаже дека „1ТВ“ не се финансирала од рекет, туку од легални пари.
Во текот на исказот, а одговарајќи и на прашања од неговиот адвокат Сашо Дуковски, Јовановски кажа дека немал приходи, ниту, пак, сопственички удел во „1ТВ“. Според него, ќе имало конфликт на интереси доколку бил сопственик на медиумот, а истовремено и претседател на невладината „Меѓународен сојуз“.