Адвокатот Сашо Дуковски кој го застапува Бојан Јовановски во случаите „Рекет“ и за Меѓународниот сојуз рече дека неговиот клиент пред обвинителката Вилма Русковска кажал многу факти, а не се служел со рекла-казала. Со исказот на Јовановски, заврши истрагата за сојузот со кој тој раководеше.
„Детална беше неговата изјава. За секое зборче, за секој основ кој стои во наредбата за истрага, тој се произнесе со мноштво факти, а не рекла-казала. Сметам дека неговиот исказ беше многу полезен. Таа овластен тужител, јас сметам дека треба да превземе некои дејствија. Не случајно овој исказ беше толку долг и беше кажана целата ноторна вистина, која беше поткрепена со факти и докази, а во врска со се она што се терети осомничениот“, рече Дуковски по долгиот распит на Јовановски.
Во однос на изјавата од адвокатот на осомничената Јасна Мандиќ кој кажа дека неговата клиентка била доведена во заблуда, адвокатот Дуковски не сакаше да коментира.
„Јас не коментирам изјави на туѓи лица, ги оставам. Секој си стои зад она што го изјавил. Ние нашата одбрана ја даваме пред суд и Обвинителство. Бојан Јовановски не беше во заблуда кога ја даваше изјавата“, кратко изјави Дуковски.
Здравствената состојба на Јовановски и натаму е лоша, рече Дуковски, конкретизирајќи дека неговиот клиент има проблем со левиот бубрег.
„Здравствената состојба е катастрофа. Со самото тоа што се движи, мислат дека е добар. Има проблеми со левиот бубрег. Има хигиенско-диететска терапија која не може да се извршува во установата каде се наоѓа, за тоа има и писма од затворскиот лекар. Не знам што треба да се случи за некој да реагира на неговата состојба. Од 15 часа, 3 часа му се лошеше. Воопшто не беше розова состојбата“, рече Дуковски.
Бојан Јовановски втор ден даваше исказ пред обвинителката Вилма Русковска. Тој се задржа околу пет часа, а во петокот остана повеќе од 7 часа. Обвинителството во овој случај ги гони заменик-претседателката на Меѓународниот Сојуз – Јасна Мандиќ, таткото на Бојан Јовановски – Миле Јовановски, асистентката на Јовановски – Кристина Блажевска, почесната претседателка – Фросина Ременски, како и самиот Бојан Јовановски. Изминатата недела сите, освен Бојан Јовановски завршија со давањето искази.