Скаран сум со Катица Јанева, рече бизнисменот Томе Главчев кој е осомничен во случајот на СЈО, „Поштенска банка“, а истовремено е сведок во „Рекет“. Главчев вели дека има траума од СЈО, поради моќта која била демонстрирана.
„Тоа што се случуваше во СЈО, беше изживување, голема траума. Ми кажаа дека сум сведок, а на роденденот на синот бев повторно повикан во СЈО, за да ми кажат дека сум осомничен. Јас таму имам дадено изјава како сведок, пред обвинителот Бурим. Јас бев изненаден. Адвокатот ми кажа дека најпозитивно за мене е да не давам изјава бидејќи станува збор за неовластен тужител и дека е тенденција, суета од страна на обвинителката и дека е најпаметно, ние да поднесеме тужба. Јас одбив тужба, гледајќи ја моќта на обвинителството која се демонстрираше, а поготово бев исплашен бидејќи кога бев приведен од дома, стражарно, кај мене дојдоа со наредба за личен претрес а се шетаа со шмајзери низ куќата. Беше стресна ситуација“, сведочеше Главчев.
Сведокот во „Рекет“ и бизнисмен Главчев рече дека неговата фирма „НОЕЛ Гевгелија“ се има рекламирала во „1 ТВ“.
„Конфекцијата моја е позната по производство на машка кошула, па затоа сакавме исфорсирано да се изрекламираме. Разговарав со повеќе медиуми. Стапив во контакт господинот Јовановски. Мене ми требаше простор од 40-50 милиони евра годишно, бидејќи толкави трошоци можам да поднесам. Имав коректни разговори се до обидот за моето приведување. Тогаш цената рипна. Требаше да платам 100 илјади евра“, рече Главчев.
Адвокатот Сашо Дуковски кој го застапува Бојан Јовановски праша дали неговиот клиент зборувал за случајот „Поштенска банка“ кој го води СЈО, на што бизнисменот Главчев рече „Не, јас го имам споменувамо“.
„Го гледав Боки на некои слики со Катица Јанева. И јас го прашував него, што е, како е со мојот случај. Тој на една средба ми рече ‘Ти си една колетералка, треба да бидеш спокоен’“, рече Главчев.
Главчев кажа дека со Јовановски разговарале за неговата конфекција и кошулите кои ги произведувал.
„Со Бојан Јовановски е интересантна фигурица. Сме разговараме и за фабриката, кошулите, се мешаше во стајлингот. Јас за него имав работено неколку црни кошули“, рече Главчев.