Обвинителката Елизабета Јосифовска во денешното сведочење за случајот „Рекет“ рече дека го потпишала позитивното мислење за враќање на пасошот на Јордан Камчев, обвинет во предметот на Специјалното јавно обвинителство, „Империја“, по налог на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.
Во СЈО, како што кажа Јосифовска, била изработена процедура во која вработените ги доставуваат сите документи до кабинетот на Јанева и откако од службите ќе ги добиле назад значело дека Јанева ги одобрила, а таа и обвинителката Ленче Ристовска ги потпишувале кога Јанева била отсутна.
На 2 мај, како што додаде, токму затоа го потпишала мислењето со кое се уважува барањето на одбраната да се даде согласност за издавање времена патна исправа за обвинетиот Камчев.
– Документот не дојде на вообичаениот начин преку шефот на кабинетот на Јанева, туку ми го донесе стручен соработник кој работеше во тимот на обвинителката Лиле Стефанова. Бидејќи не дојде од шефот на Кабинетот, Сања Димоска ми рече дека била повикана и и рекле да го изготви јавното мислење и да ми го достави, рече Јосифовска.
Таа веднаш ја контактирала Стефанова по телефон, која и рекла дека не е запознаена, по што ја контактирала телефонски и Димоска. Димоска пак и одговорила дека и го доставиле предметот заради итност по налог на Јанева. Иако Стефанова била против, посочи, немала избор и морала да го потпише мислењето. Во документот не смееле да менуваат ништо што е суштинско, туку само да исправаат технички грешки што и го направила. Како образложение за барањето за патната исправ стоело дека Камчев треба да оди во Аџибадем во Турција и на некоја обука.
Досега освен Јордан Камчев во судот за „Рекет“ сведочеа и неговата сопруга, Ана Камчева, бизнисмени, поранешен новинар во 1ТВ, како и куќната помошничка на првообвинетиот, Бојан Јовановски – Боки 13.