Новинарката, Јорданка Ивановска, позната како Јоци преку социјалната мрежа Фејсбук каде редовно отворено и директно го искажува своето мислење за политичките актуелности во земјава, за граѓанските протести пред МРТ вели дека се единствениот начин да се предизвикаат промени за јавниот сервис конечно да почне да си ја извршува својата обврска на информативен канал. Националната куќа, вели таа, не е објективна и тврдо го цензурира моментот на криминал на власта.
– Ги игнорира “бомбите“ со јавно искажан лажен морал за некакви си забрани од обвинителство (иако нема никаков правен акт за такво нешто). Притоа, окупирана е и завземена од луѓе кои одамна раскрстиле со новинарството, закопани се во медиумски ендек и таа исклучителна ситуација во моменов е опасност за иднината на земјава. Нивната ментална состојба за искривоколчено креирање на јавното мнение не ме интересира доколку тоа го прават во камера, ама дома под туш кабина, но кога знам дека нивната комоција дебело е платена од нашите бедни примања, навистина дојде време да се прашаме и јавно-до кога ќе плаќаме лакеи на власта?
И ова веќе не ме засега само мене како новинар и даночен обврзник, напротив ги засега сите корисници на јавниот сервис во земјава. Нивниот сигнал е најсилен, стасува до секое мало место. Тие тоа го знаат и свесно го лишуваат македонскиот народ од дознавање на вистината за владеењето на Никола Груевски.
Тој факт за мене значи дека се директни колаборационисти во неговото одржување на власт – вели Ивановска. Според неа, во битката за подобра МРТ треба да се вклучат и новинарите, така што активно и здружено ќе излезат на протести за да ја одбранат својата професија.
– Новинарските здруженија и организации во земјава, под итно треба да излезат со свој став по повод оваа состојба, која трае со години, но сега е високоризична за јавното мнение. Потребно е да се даде поддршка на радиоактивно харизматичниот Генерал Стојанче Ангелов, кој всушност ја бие нашата професионална битка, додека фелата молчи. Потребно е луѓето од здруженијата да излезат со проглас до сите новинари и медиумски работници кои чесно го заработуваат лебот за протест пред „куќата“, да извикаат гласно и да ги чујат луѓето кои го губат ем нашето, ем нивното време во МРТВ -„Доста беше, излезете од редот, вие не срамите!“ – посочува таа.
Во протестите Ивановска гледа единствен начин да се иницираат промени кои МРТ ќе ја направат сервис на граѓаните, но додава дека е потребна масовност. Само со таков граѓански притисок, смета новинарката, ќе почнат да паѓаат посакуваните оставки.
– Јас сум радикална личност во секој поглед, за мене промени се случуваат само со радикални чекори, а не со состаноци, средби и преговори. Ние, слободните граѓани, немаме што повеќе да си кажеме ниту со оваа власт, ниту со луѓето од МРТВ. Промени ќе дојдат само со протести и притисоци за нивно заминување. Пред се масовност. Оставките ќе си дојдат сами веднаш потоа, на сите нивоа и во секој сегмент – додава таа.
Маја Васева