Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска оствари средба со заменик-началникот на Генералштабот на Народноослободителната армија на НР Кина, генерал-потполковник Ванг Гуанзонг, кој престојува во посета на Република Македонија.
Министерството за одбрана соопшти дека на средбата Јолевски истакнал дека целосно го поддржува процесот на уште поголемо зацврстување на меѓусебната одбранбена соработка, за која тој оценил дека е одлична.
– Имаме одлична политичка соработка која треба да се рефлектира и во сите други области, потенцирал министерот Јолевски, кој во таа пригода потпишал и Протокол за донација од НР Кина за АРМ.
Генералот Гуанзонг се заблагодарил за можноста да се сретне со челниците во Министерството и во Армијата, и додал дека политичката соработка, но и соработката на армиско ниво има позитивен моментум и се движи во нагорна линија. Армијата на НР Кина високо ја цени соработката со АРМ и таа е многу важна за нас, истакнал генералот и посочил дека оваа година се навршува десетгодишнината од потпишувањето на Спогодбата за соработка во областа на одбраната помеѓу двете земји. Истовремено, генералот Гуанзонг упатил и покана до министерот Јолевски за посета на НР Кина, што била прифатена со задоволство.
Заменик-началникот на Народноослободителната армија на НР Кина, генерал-потполковник Гуанзонг остварил и одвоена средба со началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески на која станало збор за можностите за проширување на билатералната соработка меѓу двете земји, идните планови за соработка, а пред делегацијата на НР Кина биле прикажани и презентации за трансформацијата на АРМ која треба да заврши во 2015 година, како и за учеството на АРМ во мировните мисии. Воедно, генералите на состанокот се согласиле да го одржат контактот и добрата комуникација, со интенција средбите на високо ниво да продолжат да се реализираат и во иднина.
Делегацијата од НР Кина во рамки на посетата на Република Македонија се сретнала и со заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Насер Сејдини, додека во текот на утрешниот ден ќе оствари и посета на Полкот за специјални операции каде во чест на десетгодишнината од воспоставувањето на воената соработка ќе биде изведена показна вежба со содржини од обуката на припадниците на Полкот.