Република Македонија има стратешки цели, а тоа е членството во ЕУ и во НАТО и во тој контекст поддршката од нашите пријатели од Република Бугарија е од исклучително значење, нагласи министерот за одбрана Зоран Јолевски, по денешната средба со неговиот бугарски колега Ангел Најденов во Софија.
Република Бугарија ги поддржува овие иницијативи и аспирации на Република Македонија, истакна Јолевски, посочувајќи оти посетата на оваа пријателска, соседна земја, како негова прва официјална посета како во својство на министер за одбрана е потврда дека двете министерства за одбрана имаат висока соработка која, подвлече, ќе продолжи да се унапредува и продлабочува, јави известувачот на МИА.
– Ние ќе продолжиме и понатаму да ја продлабочуваме соработката за постигнување на овие приоритети во надворешната политика на Република Македонија. Интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и во НАТО ќе придонесе за зајакнување на стабилноста, безбедноста и просперитетот не само на нашата земја, туку и на регионот и Европа во целина. Затоа, поддршката од Република Бугарија е многу значајна, а интензивните контакти ќе придонесат за уште поголемо приближување на двете земи, армии и на двата народи, потенцира министерот Јолевски по средбата.
Според бугарскиот министер за одбрана Најденов, соработката во областа на одбраната може да се посочи како позитивен пример, но, како што подвлече, постојат уште многу можности и насоки за нејзино продлабочување.
– Република Бугарија ја поддржува европската и евро-атлантската интеграција на Република Македонија. Очекуваме македонската страна да ги исполни сите критериуми за членство, вклучувајќи го и принципот на добрососедство, рече Најденов, додавајќи оти потпишувањето договор за добрососедство и соработка, останува основен приоритет за развој на билатералните односи.
Министрите Јолевски и Најденов посочувајќи дека соработката во областа на одбраната официјално е започната со потпишување на Спогодбата за билатерална соработка во 1999 година, информираа дека е потпишан План за воена соработка за 2014 година, во кој акцентот е ставен на средби и размена на експертско ниво со цел да се сподели бугарското искуство на патот на евроатлантските интеграции. Во таа насока, министерот Јолевски уште еднаш истакна дека досегашните обуки, школувања, учеството во заеднички вежби и соработката во рамки на регионалнните иницијативи, се потврда за интензивна одбранбена соработка.
На денешната средба на делегациите од министерствата за одбрана, предводени од Јолевски и Најденов, по барање на бугарската страна, е разговарано и за можноста за формирање заедничка експертска комисија за афирмирање на прашањето за реставрација на гробиштата на загинатите бугарски војници на територијата на Република Македонија, во пресрет на одбележувањето на 100-годишнината од Првата светска војна.
Се очекува попладнево министерот за одбрана Јолевски да се сретне и со претседателот на Парламентот на Бугарија, Михаил Миков и со претседателот на Комитетот за внатрешна безбедност и јавен ред, Атанас Мерџанов.