САД-Јадранската повелба придонесе не само за регионалната безбедност и интеграцијата во НАТО, туку и за развој на регионалната соработка во областа на одбраната, справување со природните непогоди, градење заеднички одбранбени капацитети во согласност со НАТО принципот на мудра одбрана.
Ова го истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски во обраќањето на министерскиот состанок на земјите-членки на САД-Јадранската повелба што се одржува денеска, како дел од Сеопфатниот регионален министерски состанок, во Будва, Црна Гора.
Во усвоената заедничка изјава, министрите за одбрана на САД-Јадранската Повелба ја реафирмираа силната поддршка за Македонија за членство во НАТО што е можно поскоро. Го поздравија и напредокот на Црна Гора во нејзините реформи за евро-атлантската интеграција што резултира со отворен интензивен и фокусиран дијалог со НАТО.
Министрите ги поддржаа аспирациите на Босна и Херцеговина за членство во НАТО и ги охрабрија да преземаат натамошни чекори за полно учество во МАП процесот.
– Со членството на Албанија и Хрватска во НАТО, се направи голем напредок во однос на стабилноста и безбедноста на Балканот. Република Македонија и Црна Гора се целосно подготвени за членство. Членството во НАТО во блиска иднина ќе ја зајакне визијата за Европа, целосна, слободна и во мир, визија која и покрај денешните предизвици е многу жива, стои денешното соопштение од МО.
Република Македонија како активен промотор на регионалната соработка, се подвлекува во соопштението, даде значаен придонес на полето на обрзованието, обуката, развојот на заедничките одбранбени капацитети, до заедничкиот придонес во ИСАФ. Македонија, стои, се залага за проширување и продлабочување на регионалната соработка со практични проекти и практична поддршка за земјите од Регионот.
На состанокот Регионалните центри за обука биле истакнати како многу корисни заеднички капацитети за обука. Центрите во Македонија, како што се Центарот за односи со јавноста, за медицинска обука, Армискиот полигон Криволак се важен дел од регионалната мрежа на центри, стои во соопштението.
Министерот Јолевски ја истакнал подготвеноста на Македонија во иднина да го отвори и Центарот за обука на пилоти за регионална употреба, нагласувајќи дека првиот кадет од Црна Гора треба наскоро да ја почне неговата обука. За земјите од Регионот голема вредност има школувањето на офицери на Воената Академија на Република Македонија од Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.
На маргините на состанокот на министри, Јолевски оствари билатерални средби со министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зекеријах Осмиќ и со министерот на косовските безбедносни сили Агим Чеку, при што е реафирмирана сегашната и идната соработка.