Јавни расправи како вовед во финалната фаза од усвојување на уставните измени

Од:

Почнува третата фаза од постапката за уставни измени во согласност со Договорот од Преспа. Денеска во Владата ќе биде организирана првата од петте јавни расправи за четирите нацрт-уставни амандмани. По пет дена Владата ќе треба да достави Извештај до Собранието, а потоа претседателот на Собранието Талат Џафери за 30 дена да закаже пленарна седница на која е потребно двотретинско мнозинство за финално усвојување на уставните измени.

Владата соопшти дека организира серија јавни дискусии со експертската јавност и со граѓаните во врска со нацрт-амандманите за измени на Уставот на Република Македонија, со цел инклузивност во историскиот процес за обезбедување на европската и евро-атлантската иднина на Република Македонија.

Првата јавна дискусија ќе се одржи утре со почеток во 16:30 часот, во Свечената сала во Владата, а говорници ќе бидат премиерот Зоран Заев и универзитетските професори Владо Поповски и Љубомир Фрчкоски.

Во четврток јавна дискусија ќе се одржи напладне во Универзитетот ФОН. Говорници ќе бидат премиерот Заев, ректорот на ФОН Универзитетот, универзитетските професори Нано Ружин и Темелко Ристевски.

Третата јавна дискусија ќе се одржи во петок со почеток во 10:00 часот, во Македонска академија на науките и уметностите. Говорници ќе бидат заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, академик професор Владо Камбовски и универзитетскиот професор Светомир Шкариќ.

Последните две јавни дискуси ќе се одржат во понеделеник на 10 декември во Штип и во Тетово.

На дискусијата во Општина Штип говорници ќе бидат премиерот Заев, судијката Маргарита Цаца Николовска и универзитетскиот професор Ѓорѓи Спасов.

Во јавната дискусија во Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, говорници ќе бидат заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот Османи, и универзитетските професори Беса Арифи и Блерим Река.

Пленарната седница за усвојување на четирите нацрт – амандмани заврши во понеделникот, а за нивно усвојувување беше потребно просто мнозинство. Владејачките партии ги поддржаа измените, опозоциската ВМРО-ДПМНЕ беше против, додека за три од амандманите воздржано гласаа пратениците од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За подобра Македонија со чија поддршка беше отворен Уставот, условувајќи ги нивните гласови со процесот на помирување.

Со првиот амандман се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на „посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија”.

Со вториот амандман во Преамбулата на Уставот па зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и се додаваОхридскиот рамковен договор.

Во третиот амандман се наведува дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”, а четвртиот се однесува на иселениците и во него се предвидува републиката да ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, a оти притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

На 19 октомври Собранието со поддршка од 80 гласови и 39 против, ја започна постапката за пристапување кон уставни измени. Двотретинското мнозинство беше обезбедено со осумте гласови на пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дел од нив се обвинети во случаи на СЈО и за настаните од 27 април.

Би можело да ве интересира

Мицкоски по координацијата: Да не се одолговлекува седницата за Уставни измени

Не е прекршен Деловникот – 10 дена е рок за расправата, не за гласање, велат од СДСМ

Александар Тодески

(ВИДЕО) Ковачевски доби силен аплауз од 70 пратеници: Улиците во Скопје се мирни, граѓаните очекуваат европска одлука

Орце Костов

Писмо за пратениците од Османи: Отворете го Уставот, одговорно тврдам дека го зачувавме македонскиот идентитет

Орце Костов

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ немаат притисоци да гласаат за Уставот, СДСМ нема 80 пратеници

Орце Костов

Ковачевски е оптимист дека во следните 30 дена ќе обезбеди 80 пратеници да гласаат за промена на Уставот

Орце Костов