Јавниот повик на општина Куманово за избор на претставници на граѓански организации за членство во локалното Координативно тело за заштита од дискриминација завршува денеска, соопштија надлежните од општината.
Локалната самоуправа на Куманово формираше Координативно тело за заштита од дискриминација во рамки на проектот за заштита на дискримиација на локално ниво, кој го спроведув Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА со поддршка на амбасадата на Холандија во Македонија.
Надлежните од општината информираат дека станува збор на мултисекторско тело кое ќе биде составено од претставници на институции и граѓански организации кои работат на заштита од дискриминација, човекови права, бесплатна правна помош и кои ги застапуваат правата на маргинализираните групи. Основна цел на телото е унапредување на заштитата од дискриминација, пријавувањето и препознавањето на дискриминација во Општина Куманово, преку размена на информации, спроведување на заеднички активности, следење на состојбите и координиран одговор на поединечни случаи на дискриминација од страна на локалните институции и граѓански организации
– Ќе ги зацртаме правците на делувањето, во медиумите оди и кампања за заштита од дискриминација со цел да се подигне свеста кај граѓаните пред се да ја препознаваат, но и пријават дисктриминацијата. Ние ќе одржиме состаноци на кои ќе ги координираме за заедничко дејствување на мерки кои стојат на располагање во законот за заштита за спречување и законот за еднакви можности за жените и мажите, изјави Цоки Ристовски од Координативно тело за заштита од дискриминација.
Телото ќе работи преку редовни координативни состаноци, врз основа на протокол за соработка и деловник кој членовите сами ќе го донесат. Граѓанските организации кои имаат желба да се членови во локално координативно тело имаат можност најдоцна до денеска да се пријават. Повеќе информации за начинот на пријавување, можат да најдат на официјалната веб страна на општината.
– Меѓу критериумите кои треба да ги исполнуваат е организацијата да е регистрирана, барем пет години, да работела на некои проекти од овие области, да е препознатлива во средината во која што делува, лицето кое го предлагаат во изминатиот период треба да биде вклучено во проектите да има поминато обуки и да ги има основните познавања од оваа област, додаде Ристовски.
Членовите на Координативното тело, претставници на граѓанските организации имаат мандат од четири години, со можност за реизбор. Во локалното Координативно тело ќе членуваат претставници на Народниот правобранител на Република Македонија, од Подрачната канцеларија Куманово, од Министерството за правда на Република Македонија – Подрачното одделение Куманово, претставник на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените на Советот на Општина Куманово, Координаторот за еднакви можности на жените и мажите во Општина Куманово и тројца претставници на граѓански организации кои работат на територија на Општина Куманово.