Министерката за образование и наука Весна Јаневска информира дека 815 образовни асистенти денеска ги потпишуваат договорите за работа, а за 200 други кои ги проектирале дека се потребни од денеска трае конкурсот.
– Осумстотини и петнаесет образовни асистенти денеска ги потпишуваат договорите и можат да почнат со работа. За оние 200 за кои немаше обезбедено средства, ние ги проектиравме дека ќе бидат потребни и ги обезбедивме со ребаланс на буџетот и денеска се објавува конкурс. Конкурсот ќе трае пет дена, потоа следат уште две недели обука и тие после тој период можат да влезат во училиштата. Но, јас деновиве постојано повторувам родителите да не се вознемируваат, вестите кои нашиот политички опонент се обидува да ги прошири се лажни. Училиштата се обврзани да имаат инклузивни тимови. Наставниците се обврзани да си ги примат сите ученици во одделението и да се погрижат за нивното образование. Немаме криза, се е во ред и ќе биде во ред. Доколку има потреба за дополнителен број како одговорна Влада со посебна емпатија за децата со посебни потреби ќе направиме напори да обезбедиме дополнителен број на образовни асистенти, рече министерката.
На новинарско прашање зошто толку се доцнеше со овој процес и зошто не се почна порано за да не бидат дискредитирани децата со попреченост, Јаневска потенцира дека децата не се дискриминирани и овој процес не доцни.
-Овој процес е секогаш таков. Бројот на децата со посебни образовни потреби се менува секоја година. Значи, ние не можеме да знаеме колку дополнително ќе бидат запишани во прво одделение. Комисијата за функционална проценка и деновиве одобрува дополнителни асистенти. Процесот се одвива во најдобар ред, воопшто не се должи. Ресурсните центри си ги проверија бројките на деца кај што се потребни, направија пресметки, ние ги проверувавме пресметките, Финансии ги проверуваше и се тече така како што треба да тече. Не се дискриминирани. Инклузијата не е само образовен асистент. Инклузијата е цел систем кој го опфаќа училиштето, наставникот, инклузивниот тим, ресурсниот центар, кадрите во ресурсниот центар и образовните асистенти. Нема потреба од паника, се ќе биде во ред, рече Јаневска.
Во врска со тоа колку МОН одвоило за образовните асистенти, таа истакна дека одвојуваат толку колку што било потребно.
-Дополнително само да додадам дека еден образовен асистент може да се грижи за две до три деца затоа што на секое дете не му е потребен еден образовен асистент. Значи, во едно одделение еден образовен асистент за дете со помали попречености може да се грижи за двајца и тројца, сите се обезбедени, рече Јаневска.
Министерката нагласи дека ја планираат и ја спроведуваат реорганизацијата на училиштата каде што има многу помал број ученици. Потенцира дека прават анализи кои се неопходни за едносменска настава во сите училишта ширум Републиката.
-За жал, ситуацијата во Скопје е најтешка, особено во одредени општини каде што има за среќа прилив на деца и таму ќе треба да се градат училишта и доградуваат училници. Но, таму каде што се намалува бројот на децата со помош на УНИЦЕФ и Светска банка пристапуваме, веќе сме во тек да ја реорганизираме работата и децата да почнат со едносменска настава, рече Јаневска.
Коментирајќи ја вчерашната објава на поранешниот министер за образование и наука Јетон Шаќири дека во учебникот по предметот историја има навредливи содржини, Јаневска истакна дека тоа претставува ширење на етничка и верска нетрпеливост.
-Едноставно не знам што да одговорам на ова прашање. Всушност, знам – очај и преголем срам. Не можам да сфатам како претходен министер за образование, интелектуалец, професор на факултет, може да си дозволи да искаже такво нешто. Малку беше етничка, сега ни треба и верска нетрпеливост и раздвојување на народот. Кирил и Методиј со своето грандиозно дело ги прифатил цел свет. Значи, тие се копатрони на Европа, тие се основоположници на описменувањето на една третина од светот, тие се учители во суштинското значење на зборот. Секој ученик, секој жител на оваа држава треба да знае кои се Кирил и Методиј. Но, како одговор на она што го напишал министерот на сликата се и Мурат Втори, Скендербег и други значајни личности од тоа време кои живееле во периодот на Византија. Верската основа не може да биде причина за да се намали грандиозното дело на двајца светски познати луѓе. Се надевам дека министерот ќе размисли уште еднаш и ќе го повлече она што го направи оти она што вчера го објави претставува ширење на етничка и верска нетрпеливост. Напротив, оваа Влада се труди да направи заедништво и меѓу учениците и меѓу целото население и ние ќе продолжиме во тој правец, рече министерката Весна Јаневска.