Третоосомничената во случајот „Рекет“, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, исто како и првоосомничениот Бојан Јовановски-Боки 13, вчера во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција побара да направи увид во доказите, па потоа да го искористи правото да даде исказ. Второосомничениот Зоран Милевски-Кичеец ќе биде пуштен во домашен притвор.
Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска, по излегувањето од ОЈО вчера рече дека нејзиниот клиент најпрво ќе го искористи правото да изврши лично увид во доказите, па потоа ќе даде исказ. Најави дека увидот во доказите ќе биде извршен в четврток.
За здравствената состојба и дали т.н. црн фонд во СЈО е за да биде платен нивниот ангажман, адвокатката посочи дека денеска немале можност да разговараат со Јанева.
– Сега е добра. Таа пати од хронични болести и се наоѓа под голем стрес и притисок, што е веројатно нормално за секој човек на нејзино место, појасни Фрчкоска.
Прашана дали истрагата е завршена и за Меѓународниот сојуз, Фрчкоска рече дека, според нејзино мислење, Катица Јанева не е вклучена во истрагата за Меѓународниот сојуз и таа се однесува само за „Империја“, но сепак тоа ќе го знаат откако ќе го добијат решението за завршена истрага.
Вчера, по добиено позитивно мислење од Обвинителството, Судот ја замени мерката притвор со домашен притвор за второосминчениот Зоран Милевски-Кичеец.
Во Обвинителството ден пред Јанева на распит беше донесен првоосомничениот за „Рекет“, Бојан Јовановски. Тој беше во Обвинителството еден час, но не даде исказ пред обвинителите.
Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз, Агапи Дика, и бизнисменот Зоран Азманов.
Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори случајот „Рекет“ во јули годинава, против Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец, за потоа истрагата да се прошири и против Катица Јанева. Сите тројца се наоѓаат во притвор.