на општина Карпош, Стевчо Јакимовски во денешната изјава за медиуми рече дека Владата се однесува крајно некоректно кон македонските општини настојувајќи, како што нагласи, целосно да ги запре средства што е должна да ги исплаќа.
Тој ја обвини Владата дека со помош на „разни финти им обезбедува пари на албанските општини за да финансираат Албанска академија на науки“, а од друга страна „не можат да ги платат сметките за струја на училиштата каде учат Македонци“. Јакимовски нагласи дека не може да се штеди на грбот на децата од Карпош и презентираше документи, тврдејќи дека Министерството за образование и наука во 2022, 2023 и 2024 година континуирано ги намалува предвидените средства за образование за оваа општина. Односно, за 2022 и 2023 година, им биле исплатени на училиштата 15 милиони денари помалку од предвидените.
– Ова се предвидените средства што требало да се исплатат. На пример, во 2022 година, кога биле предвидени 39 милиони, исплатени се само 20 милиони, тоа значи на половина. Деветнаесет милиони денари, или 300.000 евра за оваа 2022 година се исплатени помалку. За 2023 година, предвиделе како што рековме 28 милиони, а исплатиле 32 милиони денари, четири повеќе. Значи 2022 година ни скратиле 19 милиони, а лани ни додале 4 милиони што значи, не ни исплатиле 15 милиони денари, пари за училиштата во Карпош. Не може да се штеди на грбот на децата и граѓаните на Карпош. Ги слушнавте вчера градоначалниците Албанци, кои рекоа дека сами ќе ја финансираат Академијата на науки и уметности на Албанците во Македонија. Значи тие имаат средства да си финансираат и академии на науки и уметности, а ние, македонските градоначалници, немаме средства ни да го платиме парното на учениците од основните училишта. Што е најинтересно, тоа го поддржа претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, што јасно кажува дека е ова договорена работа и обезбедени средства за локалната самоуправа, како да ги прејдат граѓаните, односно тоа да не го плати централната власт, туку да оди преку локална самоуправа. Значи таму можат да обезбедат средства и за функционирање на науки и уметности на Албанците, а кај нас Македонците, не можат. Гледате колку средства намалиле? Не можеме ниту да платиме ни парно греење за учениците, рече Јакимовски.
Според него, ваквиот чекор на една влада бил срамен и министерката за образование и наука Весна Јаневска требало да каже дека немаат средства, но, со буџетот за 2025 година ќе најдат за Карпош за да не должи за затоплување и други потреби на училиштата.
– Ова е срамно од една влада што дојде на власт со антиалбанска реторика, ветувајќи брда и долини, но, се однесува крајно некоректно токму кон македонските општини и настојувајќи целосно да ги запре средствата што е должна со закон да ги исплаќа и како што гледате средства што се предвидени, постојано ги намалуваат, а тоа што е најважно е дека трошоците во училиштата како што знаете и самите, само се зголемуваат. Коректно е од министерката да каже, „немаме средства, знам дека недостасуваат средства, се надевам дека со новиот буџет за 2025 година ќе најдеме средства за Карпош да не должи за затоплување и за други потреби што ги имаат училиштата“. А, крајно некоректно е да кажеш вицкасто дека градоначалникот е способен – ќе се снајде. Сметам дека тоа се некоректни изјави и некоректен однос од влада што се претставува за народна, додаде Јакимовски.
Грејната сезона во Скопје почна, а осум основни училишта во општина Карпош досега следеа настава без парно греење. Јакимовски бараше од Владата да ги покрие трошоците за греење на општинските основни училишта во висина од 8,3 милиони денари. Министерката за образование и наука пак, тврдеше дека парите за греење во училиштата се исплатени на сите општини, а останувало на градоначалниците, школите и директорите да се организираат, за да нема проблеми во однос на грејната сезона.