Изведен записник од оперативниот штаб за „27 април“, судењето продолжува на 16 март

Од:

Судењето за организаторите на случувањата на 27 април 2017 година продолжува на 16 март, откако на денешното рочиште беа изведени материјални докази предложени од одбраната на Миле Јанакиески.

Одбраната, најпрво изведе дел од записник од оперативниот штаб за оперативната акција „Платформа” од ден 27 април 2017 година.

– На состанокот во МВР биле присутни 32 лица. Имало две точки, брифинг и следење на тековните случувања. По полноќ излагање пред присутните имал помошникот директор Салија, кој ги информирал дека нема дојдено лица од други градови, изјави Миле Јанакиески, изведувајќи дел од записникот.

Во секвенца од записникот, која што беше изведена, се вели дека протести имало и во Штип, Свети Николе, Делчево, Берово, Кочани, Велес, Кавадарци, Неготино, Битола, Прилеп, Кривогаптани, Охрид, Кичево и Куманово. Овој записник е одобрен од началник на Сектор Душко Лазаров.

Адвокатот Еленко Миланов, по завршување на денешното рочиште, рече дека од изведениот записник од оперативниот штаб, се докажало дека според информациите на МВР на 27 април 2017 година немало организиран превоз од други градови.

Обвинетиот Миле Јанакиески, се заблагодари на судот што дозволил целосно да бидат изведени сите докази во интерес на одбраната.

Обвинителката Вилма Русковска, реагираше на изведувањето на овој доказ, посочувајќи дека нема ништо што се однесува за ниту еден од двајцата обвинети Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, но Судот го отфрли приговорот и дозволи негово изведување.

Материјалите од безбедносните камери на Смарт сити, одбраната рече дека ги прегледале и сметаат дека нема ништо што е од интерес за одбраната на двајцата обвинети Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поради што нема потреба да бидат изведени.

На почетокот на денешното рочиште, одбраната повлече неколку предложени сведоци, меѓу кои и тројца што требаше да бидат сослушани денеска, со што целосно заврши изведувањето на вербални докази од одбраната на Миле Јанакиески.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

На следното рочиште треба да бидат сослушани повеќе сведоци предложени од одбраната на Владимир Атанасовски. Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Би можело да ве интересира

Судењето за случајот „Организатори на 27 април“ презакажано за 14 ноември – обвинетите бараат Судот да го примени Законот за амнестија

Катерина Ѓуровски

ЗНМ: Правда за новинарката Душица Мрѓа за „27-ми Април“: значаен чекор напред во борбата против заканите врз медиумските работници

Се предаде Дејан Давидовски Дешо, баран по меѓународна потерница за настаните од 27 април

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Пандов пушта од затворите лица осудени за 27 април

Катерина Ѓуровски

СДСМ: 27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ кој не смееме да дозволиме да се повтори

Горан Наумовски

Јанакиески бил незаконски притворен и држен во домашен притвор за „Шпански скали“ и 27 април, пресуди судот во Стразбур

Александар Тодески