Измените на Законот за заштита од заразни болести утре на собраниска седница, ребалансот на Буџетот на 29 октомври

Од:

Измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести ќе се најдат на 19. собраниска седница закажана за утре, додека за ребалансот на Буџетот најверојатно ќе биде закажана нова седница на 29 октомври, бидејќи тој се уште не е вратен од Владата. Неделната динамика на работата на Собранието е утврдена на денешниот редовен понеделнички состанок на координаторите на пратеничките групи со претседателот на Парламентот Талат Џафери.

Освен измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, на дневен ред на утрешната седница се очекува да биде и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Доколку денеска собраниската Комисија за финансирање и буџет на седницата закажана за 15 часот донесе предлог-одлука за одржување на надзорна расправа за случувањата со Еуростандард банка, и оваа точка би можело да најде на дневен ред на утрешната седница, како и неколку други.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повторуваат ставот дека ќе присуствуваат на седницата, но оти ќе гласаат воздржани за измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести. Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Игор Дурловски, кој најави оставка на функцијата, се уште не ја доставил во Собранието, но се очекува тоа да го стори денеска. На неговото пратеничко место, според информации од пратеничката група ќе биде Мирче Аџиоски од Струга.

Пратеничката група на СДСМ на утрешната седница, според најавите, ќе биде комплетна бидејќи се очекува во Скопје да дојде и Лазе Танески, кој беше во изолација од Ковид -19.

Нема информации дали и пратеникот на ДУИ кој исто така имаше коронавирус ќе биде на седницата, но од Собранието посочуваат дека и да не дојдат на седница, нема да има проблем за одлучување.

Во Собранието е стасан и предлогот на Судскиот совет, Добрила Кацарска да биде нов уставен судија. Доколку Комисијата за прашања изборите и именувањата одржи седница пред одржувањето на пленарката закажана за утре за 11:00 часот, од Собранието велат дека и нејзиниот избор, но и некои други би можеле да се најдат пред пратениците.

Засега, официјално на собраниската веб-страна за утрешната 19. седница на предложениот дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за инспекцијата на труд, на Законот за инвалидски организации, и двата по скратена постапка, како и измените на Законот за жичари и ски-лифтови и измените и дополнувањата на Законот за интероперабилност во железничкиот систем, во прво читање.

Би можело да ве интересира

Заев: Обидот да се блокира Собранието е опасно, срамно и неодговорно однесување

Катерина Павлова-Николовска

Владата бара кризна состојба и во наредните шест месеци

Катерина Павлова-Николовска

Мицевски: Избегнувањето на дијалог е една од причините за поднесувањето на трите илјади амандмани за Деловникот

Ана Ололовска

Продолжува амандманската расправа за Буџетот за 2021, седница и на собраниската Комисија за надорешна политика

Ана Ололовска

Со 3.000 амандмани се спречува онлајн работата на пратениците, архивирањето и преводот ќе траат со денови

Расправа по амандманите за буџетот – Ќе го прифатиме секој издржан и реален проект, вели заменик-министерот за финансии