Изложба за урбаниот биодиверзитет во Градскиот парк

Отворена изложба на хербариуми, фаунариуми и аквариум со примероци од повеќе градови во Македонија денеска е изложена во Градскиот парк, во организација на Македонското биолошко друштво и Институтот за комуникациски студии во рамки на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

Целта на настанот е да се покаже како човекот влијае врз биодиверзитетот и да се евидентираат растителните и животинските видови кои се присутни во градската средина, кои видови имаат зголемена или намалена бројност, а кои видови исчезнале со текот на времето. Исто така, да се зајакне свеста за значењето на урбаното зеленило со цел да се спречи бетонската инвазија и намалувањето на зелените површини во градовите, особено во Скопје.

Александра Цветковска Георгиевска од Институтот за биологија при Пиродно-математичкиот факултет нагласи дека биодиверзитетот на глобално ниво е сериозно загрозен, меѓутоа урбаниот биодиверзитет е диверзитет на кој му се придава мошне мало внимание, а е исклучително значаен за функционирањето на целиот урбан екосистем.

– Како дел од кампањата ја спроведуваме работилницата со цел да ја будиме свесноста на граѓаните, особено на помладите претставници околу тоа што е урбаниот биодиверзитет и да се види дека не сме само ние жители на градовите, да бидеме свесни за нивното постоење, одблизу да видат кои ’рбетници и без’рбетници го населуваат градот, да научиме да живееме во хармонија со природата, да научиме да се запознаеме со нивните живеалишта, со нивните преференции за хабитат, едноставно да ги сфатиме како рамноправни членови на градската средина, изјави Георгиевска.

Таа наведе неколку фактори кои се пресудни и ја загрозуваат состојбата со урбаниот диверзитет, како ’рбетната, така и без’рбетната фауна.

– Интензивната урбанизација во градовите е неизбежна. Фрагментацијата на просторот е клучниот проблем бидејќи животното не препознава граници, фактички со изградбата на урбани објекти, со изградбата на улици, асфалтни патишта, ние го ограничуваме животниот простор, ја стеснуваме површината по која тие се движат. На пример, едно животинче не знае да го помине патот, нормално е дека сето тоа доведува до загрозување на неговиот опстанок и живот, рече Георгиевска.

На настанот се организираа и интерактивни работилници и игри за ботаника и зоологија на без ’рбетни животни, на кои учествуваа и се натпреваруваа ученици од повеќе основни училишта.

Би можело да ве интересира

„Дрисла“ се враќа на Град Скопје

Ана Ололовска

Утре привремен сообраќаен режим на дел од „Партизанска“

Ана Ололовска

„Црвена јабука“ в сабота на „Summerland“ во Градски парк

Ана Ололовска

Град Скопје ќе отвори сензорна соба во Радишани

Ана Ололовска

Во четврток петто прскање против комарци во Скопје

Ана Ололовска

Црвена Јабука, Црнила Ремикс и летно кино на отворено на „Summerland”

Ана Ололовска