ИЗИИС за свлечиштето на Водно: Најризична варијанта е да се остави градежната јама отворена

Од:

Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија предупредува дека најризична варијанта е да се остави градежната јама на улицата Партениј Зографски на Водно отворена, незаштитена и изложена на атмосферски влијанија. Жителите околу градилиштето јавно го повикаа ИЗИИС да направи увид откако дел од земјата со силен тресок се одрони и заврши во градежната јама. Директорот на ИЗИИС, Влатко Шешов, вели дека тие досега не направиле увид на градилиштето оти инвеститорот или изведувачот сè уште не го побарале тоа од нив. Препорачува жителите да ги известат инспекциите и да воспостават комуникација со изведувачите за што побргу да се реши проблемот.

„ ИЗИИС нема никаков проблем да дојде на локацијата и изврши технички увид како одговор на барањето на граѓаните, и изработи техничко стручно мислење , но по редот на нештата и согласно законските надлежности ИЗИИС нема никакво право, а ниту е орган кој издава или укинува одобрение за градење или стопира градежни активности. Нема никакво право за извршни мерки“, вели директорот Шешов за „А1он“.

Согласно Законот за градење, директорот Шешов посочува дека инвеститорот е должен да поднесе две барања за увид до ИЗИИС, во почетна и во крајна фаза на изградба. За ваквите увиди ИЗИИС изработува две мислења за изведбен степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на конструктивниот систем на градбата.

„При овие теренски увиди изведувачот/инвеститорот е должен да приложи соодветна техничка документација во која ќе ги прикаже сите заштитни мерки кои ги презел за време на градежните активности , потоа мора да достави прием на градежната јама од стручно лице – (инж. по геотехника или сродна област) и само врз основа на овие документи и теренскиот увид од наша страна може да добие мислење за изведбен степен на градбата (значи во фаза на изградба). Такво барање од изведувачот/инвеститорот сè уште не е доставено до нас. Можеби сметаат дека е сè уште рано, т.е. немаат почнато со изведба на горната конструкција…“, објаснува директорот Шешов.

Вакво објаснување во писмена форма им испратиле и на жителите кои бараа ИЗИИС да направи увид оти им било кажано дека оваа институција дозволила да се гради без да се заштити градежната јама.

Одронот сè  уште стои во градилиштето, а инвеститорите, кои не се достапни за коментар, со талпи се обиделе да заштитат една страна на јамата. Инвеститори, според истакнатите податоци на градилиштето, се сопствениците на земјиштето Гоце Лазаревски, Кети Јаневска, Јулија Тодоровска – Ајковска и Јаница Петровска. Нивен претставник во мај за „А1он“ изјави дека ги имаат сите потребни документи кои се лесно проверливи во институциите.

Жителите свлечиштето го пријавиле во општинската градежна инспекција, а денес пријавиле и во Државниот инспекторат за труд дека се работи во небезбедна јама. На терен сè уште не излегла ниту една инспекција.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Снег на Водно, во неколку града и во скијачките центри

Катерина Ѓуровски

Ангелов: Пожари на две места на Водно и искршено стакло на продавница

Томески: Изгаснат е пожарот во планинарскиот дом на Водно

Пожар во планинарскиот дом на Водно

Горан Наумовски

Момче и девојче повредени во сообраќајка на Водно

Горан Наумовски

Три девојки синоќа барале помош од ЦУК, наишле на диви свињи на Водно