На локацијата каде треба да се издигне новиот рекреативен објект во Скопје, панормаското тркало, деновиве се одвиваат градежни активности. Јавноста доби впечаток дека почна издигнувањето на објектот и покрај бројните противења. Граѓаните со негодување го пресретнаа овој проект уште кога беше само идеја.
Дали се поставуваат темелите за панорамското тркало не ни одговорија од Јавното сообраќајно претпријатие кој го реализира проектот, затоа што директорот е на одмор.
– Во периодот од 04.08.2015 до 17.08.2015 година користам годишен одмор. Ви благодарам на разбирањето – ни одговори Игор Јанушев, кој директорува со јавното претпријетие од февруари годинава.
Граѓаните не се информирани дали е започната изградбата, што се случува на терен и како ќе се обезбедат средствата на изградба, со оглед на тоа што проектот ќе чини 18 милиони евра, а до сега Агенцијата за електронски комуникации за оваа намена донираше само еден милион.
Можеби панормаското тркало затекна некого неспремен, а некого на годишен одмор, но јавноста и понатаму негодува при споменувањето на овој објект.
Според експертите на тркалото и на мостот на кој ќе се издигне, местото не им е во тој дел од Вардар затоа што просторот е пренатрупан со веќе изградените мостови и фонтани. Според граѓаните ова е уште еден приказ на непродуктивно расфрлање со јавните пари.
Од директорот не добивме одговор на прашањето дали овие 18 миолиони евра за панорамското тркало се паметно и корисно искористени средства.
Тркалото ќе има дијаметар од 57 метри и ќе се издигне 73 метри над брегот на реката Вардар. Ќе се врти со 30 поставени кабини во форма на гондоли со носивост од 750 килограми. Како придружни објекти на мостот ќе бидат изградени кафетерија, сувенирница и ресторан.
Рокот за изведба е пет години. Неговата изградба беше овозможена со промената на деталниот урбанистички план на општина Центар во 2010 година.
Маја Васева