Завршија митинзите, посетите од врата до врата, силните ветувања и обвинувања. Од ноќеска сите молчат, за да им дадат можност на граѓаните да ги средат мислите, чуеното и виденото, и да можат да се определат кому ќе го дадат свиојот глас в недела на 6-тите локални избори..
Во единствениот Избирачки список, се запишани 1.749.038 граѓани, од нив 1.686.130 избирачи се во државата, а 62.908 се во странство.
Според Законот, избирачките места ќе бидат отворени во 7 часот наутро, а ќе може да се гласа до 19 часот.
Доколку некое лице во 19 часот се најде на избирачко место, ќе му биде дозволено да гласа.
Лицата кои доаѓаат на гласање со себе треба да понесат биометриска лична карта или биометриски пасош, издадени од МВР, како валидни документи за идентификација.
Гласањето е лично. Гласачот се идентификува, се проверува со специјална УВ ламба дали веќе гласал, и се обележува со специјален спреј дека веќе го искористил своето гласачко право.
Секој гласач добива по едно гласачко ливче за избор на градоначалник и за листа за советници.Гласачите во Скопје ќе 4 гласачки ливчиња, освен две за оптината, и едно за градоначалник на Скопје и уште едно за советничка листа за градот Скопје.
За да биде ливчето важечко, треба да се гласа тајно, со заокружување на редниот број на кандидатот или советничката листа со сино пенкало. Освен заокружување на редниот број не е дозволено да се ставаат други знаци, симболи или обележувања, не е дозволено да се прецртува или да се допишуваат нови имиња.
За да се избере градоначалник и Совет на општината, потребна е излезност од 33 посто од запишаните гласачи во првиот круг од гласањето. За кандидатот да биде избран за градоначалник уште во првиот круг, потребно е да освои 51 отсто од излезените 33 отсто избирачи. Изборниот законик за вториот круг не предвидува цензус на излезност.
Изборот за советници на општините завршува во првиот круг, освен што е можно повторување, доколку има нерегуларности.
Попречувањето на гласањето и предизвикувањето инциденти значат строги казни. Полицијата задолжително мора да биде униформирана или со полициски обележја и да стои надвор од гласачкото место. Полицаец, согласно законските обврски, на гласачкото место влегува единствено доколку биде повикан од избирачкиот одбор за да интервенира.